Супер хероите лошо влијаат врз децата, сметаат педијатрите, иако првично се мислеше дека е добро тие да се угледуваат на филмските супер херои.

Филмовите за супер херои веројатно ги поврзувате со позитивните лекции за победата на доброто над злото. Но, новото истражување покажува дека таквите филмови всушност испраќаат опасни пораки до младите бидејќи насилството е една од нивните одлики.

Анализата на десет филмови за супер херои, снимени во 2015 и 2016 година, покажа дека протагонистите или „добрите момци“ во просек имале по 23 насилни чина во еден филмски час, а антагонистите или „лошите момци“ по 18.

Изненадувачки, протагонистите извршиле и повеќе убиства.

Понатаму, супер хероите пет пати повеќе биле вмешани во насилство од женските супер херои.

-Децата и адолесцентите ги гледаат супер хероите како добри момци и врз нив може да влијае тоа што во филмовите се прикажуваат како личности склони кон ризично однесување и насилство – вели Роберт Олимпија, професор по педијатрија на медицинскиот факултет при универзитетот во Пенсилванија и проект лидер на студијата објавена на конференцијата на Американскиот сојуз на педијатри.

Но тоа не значи дека супер хероите не треба да се гледаат, рече научникот Џон Милер, кој соработуваше на студијата. Клучот е, како што вели, во разговорот за последиците на насилството.

Тој препорача семејствата заедно да го гледаат филмот а потоа да разговараат за насилството. Тоа ќе им помогне на децата да развијат критичко мислење за она што го гледаат и да го усогласат тоа со семејните вредности.