Цели 40 години Неат Велиов со својот блех-оркестар бил амбасадор на ромската и на македонската музика во светот. Последниве години, поради нарушеното здравје, тој веќе не настапува, а на неговите барања за помош сите се оглушуваат

Неат Велиов, музичар

Во изминатите четириесет години трубачот Неат Велиов од Кочани со својот оркестар ја претставувал Македонија насекаде низ светот, негова музика е дел од врвни филмови, снимил шест албуми за странски продукции, учествувал на најголеми музички настани, а свирел и пред папата во Ватикан. Одржувал и по 90 концерти годишно, но од пред четири години, поради влошената здравствена состојба (проблеми со движењето и дискус хернија), тој многу ретко настапува, само два-три пати годишно, а и по неколкуте операции, сѐ уште не може да ѝ се посвети на професијата.

Иако многупати досега бил амбасадор на својата земја, презентирајќи ги ромската и македонска музика со својот блех-оркестар, „Неат Кинг Велиов“, како што вели, сега е во тешка состојба, оставен да се бори како знае и умее за сопствената и за егзистенцијата на своето семејство.

Поради тоа Неат побара од Министерството за култура да му помогне да го преброди овој тежок период од неговиот живот, да му додели финансиски средства со кои достоинствено ќе може да ја дочека пензијата, за неколку години.
Иако многу тешко се движи и не настапува, Неат сѐ уште добива покани да свири, а трубата е секогаш до него, бидејќи таа сѐ уште е негов живот и му дала навистина многу. Вели дека е самоук, но музиката едноставно е дел од него, код што се пренесува со генерации. Труба свирел неговиот дедо Ахмед Велиов, кого го наследува неговиот син, Хикмет, а од него раководењето на бендот го презема синот Неат Велиов. „Кочани оркестар“ е еден од првите наши бендови што станаа меѓународно познати, најпрво во 1988 година, благодарение на успехот на филмот „Време на Циганите“, на режисерот Емир Кустурица, за кој снимаат музика. Првиот албум „A Gypsy Brass Band“ го издаваат во 1995 година, а веднаш потоа го снимаат и „L’Orient Est Rouge“, кој доби четири ѕвездички во рецензијата на престижното музичко списание „Ролингстоун“. Цедето е реализирано во студиото на МРТ, за белгиската издавачка куќа „Крамед диск“, која им овозможува на музичарите да заминат на меѓународна турнеја. Во 1999 г., по едно несогласување, оркестарот се дели на две групи, па Неат го формира својот оркестар „Неат Кинг Велиов“ и продолжува со настапите низ Европа и во САД.

Нивна музика е дел и од францускиот филм „Мондо“, од белгискиот „Животот на дервишот“, кој се снимаше и во Македонија, и од италијанскиот филм „Животот на Циганите“. Меѓу последните успеси на оркестарот е појавувањето во филмскиот хит „Борат: Културни учења за Америка“, со темата „Сики, сики, баба“.

– Јас свирам од прво одделение, на 16 години веќе имав снимено две сингл-плочи со Илми Јашаров, таткото на Ферус. Едната беше „Штипски чочек“, кој тој го создаде и сѐ уште живее, без него нема ниедна веселба во Македонија – се присети тој на своите почетоци.

Од многубројните интернационални настапи, Неат спомена неколку, дополнувајќи дека прекарот Кинг го добил во 1994 година.

– Имам многу за раскажување, многу незаборавни настапи. Еден од нив е на ревијата на познатиот моден дизајнер Јамамото во Париз, каде што „Кочани оркестар“ свиреше со други ромски оркестри од светот, а сѐ директно се пренесуваше на Фешн ТВ. Би ги издвоил и настапот во „Моцарт салата“ во Виена и на најголемиот џез-рок фестивал во Данска пред 100.000 публика. Свиревме и на доделувањето на наградите на филмскиот фестивал во Утрехт, Холандија, а бевме дел и од театарска претстава во Хамбург во која настапуваше Викторија Чаплин, ќерката на славниот Чарли Чаплин, која ни овозможи концерт за време на претседателски избори во Париз во 2005 година. Тука се и настапите на „Вомекс“ (Д ворлд мјузик експо) во Брисел и во Берлин – ни откри Велиов.

Незаборавно за него е и гостувањето на фестивалот „Луис Армстронг“ во Њу Орлеанс.
– Нашиот концерт во престолнината на џезот Њу Орлеанс го организира Зоран Јолевски, тогашниот македонски амбасадор во САД. Таму имавме шанса да се увериме дека од американските музичари се разликуваме по тоа што тие свират џез-музика, а ние свириме буквално сѐ. Нашата музика е најбогата со мелодии и ритми, ние секаде можеме да настапиме. Сите таму беа зачудени од нашата техника и брзина – ни рече Велиов.

Освен ромски и македонски, тој зборува француски, германски и италијански јазик, но англиски, за жал, не знае.
– Сепак универзалниот јазик на музиката сите го разбираат. Инаку, цело време во Њу Орлеанс, конзулот Марјан Поп Анѓелов беше со нас. Тој организираше сѐ, сите наши настапи, па и гувернерот на Њу Орлеанс дојде да нѐ чуе. Беше возбудливо, врвни музичари од целиот свет беа гости на фестивалот – вели Неат.
За него голем впечаток и белег во кариерата оставил и настапот во Ватикан, пред папата.

– Сум свирел и пред папата во Ватикан. Тоа беше во 1998 година, на пречекот на Нова година. На полноќ се појави папата и од познатата тераса му честита Нова година на насобраниот народ, а потоа настапивме ние. Се сеќавам, меѓу туристите што таа Нова година беа во Рим беше и Владимир Тодоровиќ, газдата на синџирот маркети „Тинекс“. Се запознавме на аеродромот, кога се враќавме за Скопје. По три месеци ме покани со музичарите да настапам во кафеаната „Три фазани“, на одбележувањето на 20-годишнината од неговиот брак – се потсети овој познат трубач.
Од соработките со музичари од светот, тој ги издвои оние со италијанскиот пејач Виничо Капосела, со кого снимил и албум, а соработувал и со познатата израелска пејачка Меира Ашер, како и со шпанскиот пејач и хармоникаш Џовани.
Навистина големи успеси, но, како што ни рече Неат Велиов со тага во гласот, веќе никој не се сеќава на нив.

– Неколкупати досега барав да ме примат во Министерството за култура, но без успех. Сепак, благодарен сум што одлучија да ми уплаќаат пензиско за да можам да дочекам пензија. Искрено се надевам дека нема да се повтори приказната на легендарната Вања Лазарова, на која државата се сети дури откако медиумите открија дека без признанија и заслужена државна пензија се наоѓа во еден дом за стари лица, по што сите наеднаш се заангажираа за неа. Јас само сакам достоинствено да го пребродам овој мој здравствен проблем, да добијам извесна помош за живот и за лекување, повторно да застанам на нозе и да засвирам, па и некому да му го пренесам моето знаење. Верувам дека сум го заслужил тоа – ни рече на крајот на нашата емотивна средба, полна со спомени, Неат Кинг Велиов.