Сликата „Рождество“ од Мериси Караваџо

Уметничката слика „Рождество“ од Микеланџело Мериси да Караваџо, украдена од црквата во Палермо пред 50 години, која се најде на листата на највредни украдени уметнички дела на ФБИ, била чувана во домот на италијански мафијаш, кој исекол дел од платното во обид да побара откуп од Католичката црква. Ова го тврди свештеникот Роко Бенедето во неговото сведоштво прикажано во документарен филм за украдени уметнички дела снимен во 2001 година, пренесува „Гардијан“.

Свештеникот Роко Бенедето, кој починал во 2003 година, тврди дека сликата се наоѓа во домот на озлогласениот сицилијански мафијаш Гаетано Бадалементи, кој се обидел да добие откуп од Католичката црква за делото.

Во интервјуто, Бенедето објаснува дека добил писмо неколку дена по кражбата на сликата, со барање содржаната да биде објавена во сицилијанскиот дневен весник. Откако писмото било објавено, тој добил второ писмо во кое се наоѓало мало парче ткаенина.

– Мафијата постапи со сликата на ист начин како со киднапираните жртви. Тие испратиле исечено парче од платното, исто како кога праќаат исечени прсти или уши како доказ за киднапираните жртви – вели Масини Д’Анолфи, режисерот на документарниот филм.

Наместо да го објави второто писмо, свештеникот го однел во полицијата, која го осомничила и него за кражбата, по што Бенедето бил под кратка истрага.

Судбината на „Рождеството“ е непозната и предмет на разни теории повеќе од 50 години, а била украдена од двајца мафијаши кои со жилет ја исекле сликата од рамката во црквата во Палерно, каде што била изложена повеќе од 350 години.

Според информациите на италијанската полиција добиени од припадник на мафијата кој соработувал со нив, сликата најверојатно се наоѓа во Швајцарија, откако мафијашкото Бадалементи стапило во контакт со трговец со уметнички дела, по смртта на Гаетано. Сликата била изложена во домот на мафијашот каде што се среќавал со другите сицилиски мафијаши и нарко-дилери, а служела како знак кој сведочи за нивните  престиж и моќ.

Сепак, во интервјуто дадено две години пред неговата смрт, свештеникот тврдел дека сликата се уште е во рацете на семејството Бадалементи. Како дополнителен доказ, тој навел дека неколку месеци пред кражбата на познатата слика, тој бил посетен од новинар на италијанскиот јавен сервис „РАИ“, кој сакал да го интервјуира во врска со делата на Караваџо. Бенедето одбил да даде изјава, со изговор дека, доколку јавноста дознае за постоењето на делото, кражбата е неминовна, бидејќи црквата нема обезбедување. „Рождеството“ било украдено неколку месеци подоцна.

– Сведоштвата на Бенедето се покажаа веродостојни откако неодамнешните информации од полициската истрага ја потврдија неговата верзија на приказната. Доколку интервјуто излезеше во јавноста порано, најверојатно ќе мислеа дека станува збор за луд свештеник – вели режисерот на документарниот филм.

Копија на сликата „Рождество“ изложена во Ораториумот на Сан Лорензо