Со големина на кредитна картичка и речиси толку тенок, но доколку по силен земјотрес останете заробени под рушевините би можел да ви го спаси животот. Станува збор за уред кој користи високофреквентни сигнали за помош и пронаоѓање жртви по природна катастрофа – изум на тројца студенти од индонезискиот универзитет, пренесе „Ројтерс“.

„Деотерионс“ е алатка што емитува сигнал поврзан со движење и лесно дишење што може да се открие до 10 километри.

Приемникот на сигналот се вклучува на мобилен телефон или лаптоп и работи со апликација достапна на системите „Епл“ и „Андроид“, објаснија студентите.

Сатрио Вирадината Риади Боер (23), еден од студентите, изјави дека пронајдокот бил инспириран од земјотресот со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што го погоди неговиот роден град на островот Суматра пред 10 години, а во кој загубил дел од пријателите и наставниците, додека неговата мајка била повредена.

-Сè може да се случи ако некој е премногу долго под рушевините. Може да дојде до тоа на жртвата да ѝ биде ампутирана раката или ногата или, пак, на луѓето да им недостига кислород, изјави Боер, нагласувајќи дека пронаоѓањето лица од под рушевините по разорен земјотрес е најважната трка со времето.

Тројцата студенти добија патент за нивниот прототип, кој чини седум долари, но рекоа дека сакаат да го усовршат уредот пред да го направат достапен за јавноста.