Системот на струи во Атлантски Океан, моторот на климата на северната хемисфера, може толку многу да ослабне, што наскоро може да дојде до големи глобални климатски промени, покажа една научна студија.
Северноатлантската меридијална циркулација (АМОС) е голем систем од океански струи, вклучувајќи ја и Голфската, која пренесува топла вода од тропските краеви кон северот на Атлантикот.
Со оглед на тоа дека атмосферата се загрева поради порастот на емисијата на стаклени гасови, под површината на океанот се задржува повеќе топлина и потенцијалниот колапс на системот би можел да има сериозни последици за временските системи во светот.
Климатските модели покажаа дека АМОС е најслаб за период од 1.000 години. Меѓутоа, не е познато дали дошло до слабеење поради промена во циркулацијата или поради помала стабилност.
Студијата објавена во списанието „Природни климатски промени“ покажува дека станува збор за круцијална разлика.
– Губењето на динамичката стабилност укажува дека АМОС се доближил до критичниот праг, зад кој би можело да дојде до значаен и во практиката веројатно неповратен премин во послаб начин на работа – изјавил авторот на студијата Миклас Боерс, од Институтот за истражување на влијанието на климата во Потсдам.

Анализирајќи ги моделите на температурата и салинитетот на површината на Атлантски Океан, студијата вели дека слабеењето на АМОС минатиот век можело да се поврзе со губењето на стабилноста.
– Резултатите ја потврдуваат процената дека намалената моќ на АМОС не е само флуктуација или линеарен одговор на зголемените температури, туку веројатно значи приближување до критичниот праг, зад кој системот на циркулација би можел да престане да функционира – вели Боерс.
А ако дојде до тоа, би се зголемило ладењето на северната хемисфера, би пораснало нивото на Атлантски Океан, врнежите над Европа и Северна Америка би биле поголеми и би дошло до поместување на монсуните кон Јужна Америка и Африка – објави британската метеоролошка служба „Мет офис“.
Друг климатски модел предвидува дека АМОС ќе ослабне во текот на овој век, но не се предвидува никаков колапс пред 2100 година.