Овој петок во Струга започнува првото издание на интернационалниот фестивал на современа музика и дигитални уметности – „Енхалон“. Организаторите најавуваат незаборавна фестивалска авантура со 32-часовна, континуирана музичка програма, поделена на четири локации во градот. Главни изведувачи на фестивалот се германските техно-икони од групата „Енсиен методс“, Даниела ла Луз и полскиот продуцент Глос.

Фестивалот го отвора „Енсиен методс“ во струшкиот ,,Хангар“, кој е дел од Центарот за култура во Струга. Потоа во раните утрински часови фестивалот се сели на 12-часовна забава на плажата во автокампот Ливадиште, каде што ќе настапат 12 интернационални и домашни артисти, целиот настан ќе биде пренесуван во живо на британското радио Тредс. Од 20 часот, фестивалот продолжува со втората фестивалска вечер, на отворената летна сцена од Центарот за култура во Струга, каде што како главна изведувачка е најавена берлинската диџејка Даниела ла Луз.

За оние што сè уште имаат енергија журката не завршува тука. Два часа по полноќ програмата продолжува на крстосување со брод по Охридско Езеро со што и завршува годинашното издание на „Енхалон“. На бродот како главен изведувач е најавен полскиот диџеј и продуцент Глос, кој ќе има неколкучасовен сет.