Еден од најчестите и константни причинители на стрес, како што наведуваат повеќето од луѓето, се проблемите на работното место. Последиците од стресот на работа не само што може да влијаат на продуктивноста туку лесно може да се прелеат и на другите области од животот

Стресот претставува своевидна дразба што се јавува како реакција на одредени искуства, кои можат да бидат добри или лоши. Кога сме под стрес, нашето тело ослободува одредени хормони, кои ни даваат повеќе енергија и сила. Тоа може да биде добро, ако сме на пример во физичка опасност, но долготрајното изложување на стрес е исклучително штетно. За жал, во денешниот забрзан начин на живот, постојано сме изложени на мали количества стрес и речиси сме ја загубиле способноста да ги активираме природните реакции за опуштање. Стресот станува наше секојдневие и е исклучително штетен, па дури и опасен за нашето здравје.

Еден од најчестите и константни причинители на стрес, како што наведуваат повеќето од луѓето, се проблемите на работното место. Последиците од стресот на работа не само што може да влијаат на продуктивноста туку лесно може да се прелеат и на другите области од животот.

Стресот на работното место може да се појави поради многу причини. Една од најчестите е нерамнотежата помеѓу барањата што му се наметнуваат на вработениот, од една страна, и неговата способност да се избори со нив, од друга страна. Неретко „кумови“ на тензијата и притисокот се токму нереалните рокови што мора да се испочитуваат за успешно завршување на работата.

Уште еден од факторите што создаваат стрес се лошите колегијални односи. Влошените меѓучовечки односи на работното место главно се последица од незадоволството на вработените: тука се лошите услови за работа, ниските примања и нарушениот систем на вредности, во кој не се наградуваат најспособните и најпродуктивните работници.

Најпрвин треба да се истакне дека стресот е последица од нерамнотежата помеѓу вложениот напор и наградата за инвестираниот труд. Затоа стресот што го доживуваат вработените на своето работно место може да биде акутен и хроничен.
Акутниот стрес, како што кажува самиот збор, трае значително пократко. Неретко се случува да го мотивира вработениот да ја одработи задачата побрзо и поефикасно. Главно настанува како последица на моментални кризни ситуации на работното место. Неговата корисност е во тоа што може да му влее дополнителна сила на работникот и да го поттикне поуспешно да ги реши задачите што стојат пред него.

Може да се манифестира преку суви усни, потење, мала нервоза и струење на енергија, кое се чувствува во пределот на стомакот, но и преку позитивна трема, доколку работникот има јавни настапи во рамките на својот делокруг на работа.
Хроничниот стрес е многу поопасен и тој трае подолг временски период. Се создава како последица од акумулација на акутни стресни ситуации што работникот не успеал да ги надмине, но и со долготрајното изложување на ефектите од стрес, особено кај оние работни позиции чија природа може да биде многу турбулентна и тешка.

Хроничниот стрес доведува до појава на телесни заболувања и оштетувања.
Кога реакциите на организмот во однос на стресот се неадекватни и кога организмот не е во состојба да го неутрализира неговото влијание, т.е. кога не е во состојба да се врати кон својата примарна состојба, тогаш стресот има негативно влијание на здравјето.

Последиците од стрес на работното место можат да бидат многубројни. Од нарушено здравје на вработените, преку нивната намалена продуктивност, па до нивното отсуство од работа заради лекување. Уште една потенцијална последица од овој вид стрес може да бидат нарушените односи во семејството. Таков е случајот со работниците што не успеваат да ги завршат задачите на работното место, па ги носат и дома. На тој начин тие не се во состојба да му посветат доволно внимание на своето семејство, во страв дека ќе го загубат работното место. Па, така, нивната улога во семејниот дом повеќе личи на цимер, кој само споделува простор со другите, отколку на улогата на брачен партнер и/или родител.

Стресор или, како што се вика поинаку, стресна дразба претставува секое телесно, психичко или социјално влијание што го доведува поединецот во состојба на стрес. Можеме да разликуваме 4 основни типа стресори:

– физички и хемиски стресори: бучавата, струјниот удар, воздушното загадување, лошата климатизација (изложеноста на високи или ниски температури на работното место итн.);

– биолошки стресори: неспиење поради долгите работни смени, кои неретко се менуваат, работа што бара стоење во место, долго седење и некои други позиции во однос на телото, кои може да имаат голем број последици по здравјето на работникот, каков што е случајот со фризерите и стоматолозите, тука се и нередовната исхрана, континуираната работа без паузи и сл.;

– психички стресори: лошите меѓучовечки односи и конфликти, како на работното место, така и дома (стресната состојба се пренесува и на работа во вид на намалена продуктивност, лош фокус и психичка отсутност), недостигот од време и пари, губењето на работата итн.;

– социјални стресори: економската криза, ниските плати за вложениот труд, одговорноста за другите работници, лошиот социјален статус и др.
Некои работници самостојно си наоѓаат механизми што им помагаат да се справат со стресот. Тоа не зависи само од природата на работната позиција туку и од креативноста на самиот поединец, како и од неговиот ментален склоп.

Стручњаците предлагаат неколку совети за полесно соочување со стресот и намалување на неговото штетно дејство: вежбајте редовно – умерената физичка активност нека стане рутина во вашето секојдневие; хранете се редовно и здраво – избегнувајте нездрави намирници; настојувајте да се ослободите од штетните навики; одржувајте и негувајте складни семејни и пријателски односи; ако немате, најдете си хоби (нешто во кое навистина ќе уживате); научете подобро да ги организирате своето време и обврски; спијте и одморајте онолку колку што од вас бара вашиот организам; дефинирајте ги очекувањата на работното место и размислете на кои начини можете да ја подобрите својата работа; дружете се и поминувајте повеќе време со луѓето што се добри за вас.