Занимливости

Мантакор – суштество со незаситен апетит за човечко месо

Тој е еден од најзастрашувачките митски суштества, бил крволочно четвороножно суштество со глава на човек и сини очи, жолто лавјо тело и опашка на скорпија. Првпат легендата за Мантакор се појавува кај Хелените и е опишан како суштество со незаситен апетит за човечко месо.
Ја користел својата неверојатна брзина за да го фати пленот, а потоа со опашката го прободувал и ги проголтувал неговите коски. Според митологијата, бил способен да ги онеспособи и да ги парализира своите жртви од голема далечина, испукувајќи убоди од опашката, како од стрела.
Првпат е опишан кај Ктесија, а потоа од Аристотел и од Плиниј Постариот. Се верува дека митот за Мантакор потекнува од Древна Персија.


Кракен – титански октопод

Морските фолклорни приказни се исполнети со злобни морски змии и риби со лушпеста кожа, но најголем страв кај морнарите предизвикувала приказната за моќниот Кракен. Првпат во популарниот фолклор како титански октопод е забележан од рибарите на бреговите на Гренланд и на Норвешка.
Кракенот наводно со своите пипала ги одвлекувал бродовите во ледените длабочини, но можел да создаде и смртоносен вител што ги потопувал бродовите под водата.
Легендата бил инспирирана од видувањата на вистинските џиновски лигни што живеат во океаните, а некои од палеолозите тврдат дека во праисториските океани живееле цефалоподи долги до 100 метри и се хранеле со диносауруси.


Базилиск – змија со глава на петел

Легендата за страшниот базилиск потекнува од римскиот писател Плиниј Постариот од првиот век, неговата Природна историја изобилува со записи на фантастични суштества и егзотични раси на деформирани луѓе. Плиниј го опишува како животно што наликува на змија, но во средниот век се опишува како луда змија со глава на петел и крилја на змеј или лилјак.
Базилискот имал отровен здив, а жртвата можел да ја убие само со гледање во неа. Некои автори велат дека легендата за базилискот потекнува од Северна Африка, но постојат европски приказни низ целиот среден век.


Грифин – инспирација од диносаурусите

Грифинот е застрашувачка мешавина од два различни предатори, се вели дека ги поседува телото и задните нозе на лавот, како и крилјата и клунот на орелот или јастребот. Легендите за грифинот потекнуваат од Блискиот Исток, а подоцна стануваат популарен мотив во античката хеленска литература.
Биле почитувани поради интелигенцијата и посветеноста на моногамијата. Жртвите ги напаѓале со своите канџи и им го раскинувале месото, а според други легенди, пленот го фрлале од голема височина.
Според некои истражувачи, легендата за грифинот можеби е инспирирана од првите средби на луѓето со фосили од диносауруси. Скитите, кои биле номадски народ во Централна Азија, можеби пронашле коски на диносауруси и верувале дека станува збор за суштество што наликува на птица.