Помеѓу работните и семејните обврски, како и социјалните настани, изгледа скоро невозможно да почнете да внимавате на вашата фигура, односно да се вратите на претходно создадената рутина за вежбање. Најчесто започнува со една зафатена недела, а потоа едната недела ќе се претвори во две, и на крајот пред да се освестите, не сте ја посетиле фитнес-салата веќе неколку месеци. Без оглед на виновникот, постојат начини да создадете трајна навика и да се вратите во форма. А доколку поради сите тие обврски не сте во можност да посетувате фитнес-сала или, пак, да поминувате неколку часа на ден во трчање надвор за да добиете добар тренинг, тогаш најдобрата вест е дека сето тоа можете да го направите и во удобноста на вашиот дом. Потребни се само силна мотивација и неколку вежби, кои се прават од пет до десет минути дневно.

Најважната работа околу фитнесот е тоа што мора да имате желба да вежбате за себе, за одржување на вашето тело и здравје. Значи откривањето на мотивацијата за да се вратите во фитнес-сала мора да дојде однатре. И не станува збор само за пронаоѓање на мотивација, потребна е вистинска желба за да останете во форма. Заборавете на оние надворешни мотиватори како што е, на пример, како да изгледате убаво во облека и ископајте малку подлабоко.

– Многу често кога луѓето планираат да почнат со вежбање, се фокусираат на вообичаената мотивација, како што е губењето на вишокот килограми, кога имаат некој здравствен проблем, или затоа што сакаат да изгледаат привлечно за некој друг. Потребно е да се запрашате зошто го сакате тоа. Навистина треба да бидете фокусирани на работите што се значајни за вас како индивидуа и да ја пронајдете вистинската причина – вели Седрик Брајант, претседател на Американскиот совет за вежбање.

Кога еднаш ќе го откриете она што ве мотивира за да останете здрави и во топ-форма, вашата прва станица не треба да биде фитнес-салата, туку ординацијата на некој лекар или физиотерапевт. Лекарот е оној што треба да изврши процена за вашата подготвеност, флексибилност и кардиоваскуларно здравје. На тој начин ќе се осигурите дека сте целосно здрави за физичка активност и можете безбедно да се упатите кон салата за вежбање.

Кратко отсуство од фитнес-салата може да се одрази на некои здравствени придобивки. Само една недела целосна неактивност може да предизвика штети во вашиот физички перформанс.

Според едно истражување објавено во Списанието за рехабилитациска медицина, одморот од физичка активност за само две недели може да резултира со значително намалување на јачината на мускулите и мускулната маса, и потоа ќе треба малку подолго време за да се врати посакуваната фигура. Со други зборови, доколку сте биле посветени на вашата рутина пред еден месец или два, немојте да очекувате дека веднаш кога ќе почнете повторно да вежбате ќе ги добиете посакуваните резултати како ништо да не се променило. Наместо тоа, здравствените работници препорачуваат да го сторите тоа чекор по чекор. Добро анализирајте кој вид вежби најмногу ви одговараат, бидејќи некои вежби би можеле да го зголемат ризикот од повреди.

Експертите советуваат дека прво треба да се започне со неколкуминутно кардио на ден, а потоа да се продолжи со подолги тренинзи, вклучувајќи тегови, па дури и ангажирање здравствен или личен тренер. Здраво возрасно лице треба неделно за вежбање да одвои барем 150 минути.

Кога ќе решите да ѝ се вратите на вашата навика за вежбање, потребно е да ги обновите и навиките во исхраната. Честопати луѓето имаат тенденција да прават премногу промени одеднаш. Наместо тоа, подобро е фокусирањето на една работа во исто време, односно на обидот повторно да воспоставите рутина за вежбање.
Наместо да ги броите километрите што сте ги поминале дневно, клучно е да започнете да размислувате за вежбањето холистички, а тоа вклучува олабавување, истегање и закрепнување на вашето тело. Освен ако не сте професионален спортист, кој мора да биде силен и моќен, вашиот фокус број еден мора да биде подвижност и флексибилност.

– Рутината за обновување е од витално значење, тоа треба дневно да вклучува истегнување и соодветно време на олабавување по тренингот. И доколку сте во можност, обидете се да вклучите и редовни масажи како и посета на физиотерапевт за да бидете сигурни дека секој дел од вашето тело работи како што треба. Овие тактики ќе ви помогнат во ублажување на ризикот од повреда, па нема да морате повторно со недели да се оттргнете од веќе создадената рутина за вежбање – истакнува доктор Џонатан Лери, сопственик на велнес-центарот „Ремеди плејс“.