Вработен ја чинеше популарната градина во Токио околу двесте илјади евра бидејќи „му било страв“ да бара од странците да платат влезница, пренесува британски „Гардијан“. 

Човекот кој е во осмата деценија од животот, признал дека не ги наплаќал влезниците во националната градина „Шанџуку Гојен“, откако била покрената истрага по информациите доставени од друг вработен.

Неименуваниот виновник, кој сега е во пензија, кажал дека престанал да ги наплаќа влезниците во вредност од 1,5 евра за возрасни и од 0,4 евра за деца, во април 2014 година, односно дека им дозволувал на странците да влегуваат бесплатно во период од две и пол години. Се проценува дека 160 илјади луѓе ја посетиле градината без да платат влезница, со што штетата изнесува околу 200 илјади евра.

Причина за стравот бил инцидент во кој странец му викал на вработениот. Оттогаш тој не ги наплаќал влезниците на странците, при што негов колега не ги внесувал податоците за раздадените влезници во компјутерскиот систем.

– Не зборувам странски јазици и се исплашив кога странец почна да ми вика, пред повеќе години – кажал Јапонецот.

Измамата била откриена во 2016 година. Виновникот набргу бил казнет со 10 отсто од платата, а тој понудил и да врати половина од бонусот за заминување во пензија, односно околу 2.300 евра.