Во 2020 година ќе бидат одбележани 100 години од поставувањето на една од најпознатите статуи на светот, Христос спасителот во Рио де Жанеиро, во Бразил. Симболот на верата, културата и уметноста требало да биде направен во 1859 година, кога оваа идеја ја осмислиле принцезата Изабела и католичкиот свештеник Педро Марија Бос. На почетокот идејата не била усвоена, но подоцна во 1921 година била земена предвид за разгледување.

Темелите се поставени една година подоцна, поточно во 1922, а работите биле завршени 1931 година. Скулптурата се наоѓа на ридот Корковадо, над градот, а ја проектирал Еитор да Силва Коста, ја дизајнирал Карлос Освалд, додека извршител на конечните работи бил францускиот вајар Пол Ландовски.

Постоеле неколку предлози за статуата што требало да ја претставува католичката вера, а освен оваа, во потесниот избор влегле и идеите за Исус на крст и Исус што држи глобус, но на крајот било одлучено да се изработи Исус, кој со раширени раце ги прифаќа сите што сакаат да му пријдат.

Со изградбата на Христос спасителот Бразил доби нешто посебно, препознаено во целиот свет, па така оваа статуа е прогласена за едно од седумте светски чуда на новиот свет.