Стоунхенџ, познатата мегалитска структура, беше предмет на истражување на научници, кои велат дека ја откриле тајната на неговата отпорност на временските влијанија. Ова е прва сеопфатна научна анализа на импозантните камени блокови во јужна Англија, чија старост е меѓу 4.000 и 5.000 години. Од 1986 година, Стоунхенџ е на листата на светското наследство на УНЕСКО.

Научниците опишале низа тестови со кои ја проучувале внатрешноста на еден од песочните блокови, познати како сарсени, за да добијат увид во геологијата и хемискиот состав на овие мегалити од неолитот (млада камена доба) и од бронзената доба (од 3.000 до 1.000 години пред новата ера), објави „Ројтерс“.

Тие ги проучувале примероците на јадрото од еден сарсен, каменот 58, извадени во текот на конзерваторските работи во 1950-тите години. Тој блок десетици години е чуван во САД, а во В. Британија е вратен во 2018 година на дополнителни анализи.
Сарсените се изработени од таканаречен силкрит, кој постапно се формирал под површината на Земјата, во длабочина од неколку метри, како резултат на подземни води што циркулираат низ закопаниот седимент.

Силкритот, пак, е стврдната земја (отпорна на ронење), која се создава кога растопениот силициум диоксид ги зацементирал површинската земја, песок и чакал.
Резултатите од истражувањето покажале дека јадрата ги сочинуваат главно зрнца од кварц со големина на песок, цврсто зацементирани со вкрстените кристали на кварц.

Идеален материјал за градење

Исклучително отпорен, издржлив и траен, кварцот не се распаѓа и не еродира дури ни кога со еони е изложен на атмосферски услови.
– Тоа ја објаснува отпорноста на овој камен на атмосферските влијанија и зошто е идеален материјал за градба на споменици – вели геоморфологот Дејвид Неш, од универзитетот „Брајтон“.

Тој го предводеше истражувањето, за кое пишуваше и списанието „Плус уан“.
Со впечатливи инженерски достигнувања, луѓето од доцниот неолит ги подигнале сарсените во Вилтшир, околу 2.500 години пред новата ера.
Каменот 58 е висок седум метри, а другите два метра се вкопани во земјата. Горниот дел тежи околу 24 тони.

Примерокот од јадрото е во вид на камена прачка со ширина од 2,5 сантиметри и должина од околу еден метар, во бежова боја, која е посветла од светлосивиот надворешен дел на мегалитот, кој е изложен на атмосферски влијанија илјадници години.

Најанализиран камен

Научниците се служеле со разни методи на истражување, вклучувајќи ЦТ-скенирање, рендгенско снимање, микроскопски анализи и разни геохемиски техники.
– Нашиот мал примерок сега, веројатно, е најанализираниот камен, освен оној од Месечината – изјави Неш.

Засега не е јасно како се формирал тој камен, иако некои истражувачи откриле вградени зрнца песок што датираат од мезопротерозик, геолошка ера што се одвивала пред 1,6 и 1 милијарда години. Всушност тоа е средниот дел на протерозоик, геолошки еон што траел од пред 2,5 милијарди години до 542 милиони години. Границата меѓу архаикот и протерозоикот е поставена приближно на почетокот на тектониката на плочите слични на денешната, односно на почетокот на поизразитото формирање на седиментните карпи на просторите на плиткоморските плочи.