Филип Сених е пасиониран љубител на стари возила, а стоеденот „Марина“, со кој учествуваше на фестивалот во Бар, е негов втор автомобил од оваа марка, бидејќи претходно ја возеше постарата „Љубица“, произведена во 1972 година

Филип Сених (25), гордиот сопственик на олдтајмерот „Марина“, возило од марката „застава 101“ од 1974 година, заедно со својата екипа што го придружуваше на ова интересно патување беше единствен претставник на Македонија на тридневниот фестивал на стари возила, кој минатиот викенд се одржа во Бар, Црна Гора.
Вкупно 87 олдтајмери од просторите на некогашна Југославија и од други европски држави учествуваа на овој собир на љубители на стари но зачувани возила. Како што велат, најубавиот дел од тридневната манифестација било возењето меѓу два брега, поточно од Скадарско Езеро до Јадранско Море, во кое учествувале 67 автомобили постари до 40 години.

– Од Бар се вративме со благодарница за учество и со многу убави спомени. Убаво е повторно да се сретнеш со пријателите од целиот регион, да размениме искуства и да се договориме која ќе биде нашата следна дестинација – ни рече Филип Сених.
Од Скопје, преку Косово, тој заедно со своите придружници Никола и две момчиња по име Филип, кои, како што ни рекоа, исто така уживале во оваа тридневна авантура, минатиот петок стигнале во Подгорица, па се симнале до Скадарско Езеро, каде што добрите домаќини срдечно ги пречекале, а за гостите било организирано и возење со бродови по езерото.

– Вториот меѓународен фестивал на олдтајмери во Бар го организираа невладината организација „Олдтајмер-клуб Бар“ и туристичката организација од овој град, а по пристигнувањето, следуваше свечено дефиле по градските улици, сѐ до почетокот на шеталиштето, каде што на задоволство на жителите на Бар и на многубројните туристи, кои покажаа голем интерес, автомобилите беа паркирани неколку часа. Потоа следуваше дводневно дружење – вели Филип Сених.

Според Милја Шчепановиќ, директорка на „Олдтајмер-клуб Бар“, манифестацијата била многу успешна, а задоволните организатори веќе планираат нови содржини за следната година. Во петокот и саботата навечер имало и концерти на групата „Ириефм“ од Белград и которскиот бенд „Тоќ“. Имало и посета на стариот дел на Бар и свечено доделување на наградите. За најубав автомобил на фестивалот, со одлука на жирито, е прогласен „мерцедес 280С“ на Зденко Кратофил од Вировитица, а публиката гласала за олдтајмерот од марката БМВ на Драган Лаковиќ од Подгорица. Автомобил со најголема кубикажа бил „мерцедес 560С“ на Енрико Сфорца од Италија, најмногуброен клуб-учесник бил „Мини-клуб“ од Србија, со шест возила „мини морис“, а најдолго патување до Бар имал Вилијам Крт од Копер, Словенија.

– Големо внимание меѓу учесниците привлече и еден репрезентативен претставник на „националната класа“, полициско „фиќо“, кое парадираше со вклучени ротациски светла. Ги сакам овие патувања бидејќи тоа ми е шанса на подолга релација да ги повозам моите олдтајмери и наедно да другарувам со моите пријатели и истомисленици од Вардар до Триглав – вели Сених.

Тој е пасиониран љубител на стари возила, а стоеденот „Марина“, со кој учествуваше на фестивалот во Бар, е негов втор автомобил од оваа марка, бидејќи претходно ја возеше уште постарата „Љубица“, произведена во далечната 1972 година.
– Долго низ цела некогашна Југославија барав стара зачувана „застава“ и во 2013 година прво ја купив „Љубица“, со која, верувале или не, откако целосно ја поправив, поминав 395.000 километри. Ги сакам овие возила затоа што се сигурни и комфорни, а мене луксуз не ми е потребен. Сите механичарско-реставраторски зафати ги правам сам и уживам во тоа. Автомобилот „Марина“ е од 1974 година и навистина се намачив да блесне во полн сјај и да учествува на меѓународни манифестации на олдтајмери, каква што беше последната во Бар, каде што добив многу комплименти за нејзиниот изглед и зачуваност – раскажува Сених.