Првата во низата модерни адаптации на култниот стрип-лик „Вондер Вомен“, со Гал Гадот во главната улога, ги опустоши киноблагајните, ги собра сите позитивни критики и ги освои срцата на публиката. На крајот на 2020 година, Гал Гадот се врати во улогата на храбрата амазонка во вториот дел од големиот кинохит од 2017 година, кој стана акциски филм со најголема заработка во историјата во режија на жена. Пети Џенкинс стои и зад филмската адаптација на „Вондер Вомен 1984“, а дејството е сместено во 1980-тите.
Она што освојува во филмот се дизајнот на костимите и креирањето нов филмски стил. Позната по својата работа на филмовите „Казино Ројал“, „Витезот на темнината“ и „Четири венчавки и погреб “, дизајнерката на костимите Линди Хеминг го прикажа духот на времето на многу стилски начин преку облеката на Гал Гадот, односно Дајана Принс. Иако повеќето облеки имаат корени во времето во кое е сместен филмот, за изгледот на Дајана беа земени само најдобрите комбинации од ерата на 1980-тите. Идејата е дека Дајана како лик секогаш мора да изгледа безвременски елегантно кога е во цивилна облека, а тоа секако е постигнато со изборот на кроевите и материјалите што ги гледаме во поголемиот дел од филмот.

Гардеробата на Дајана најмногу се состои од блејзери и панталони со висок струк, кои потоа ги комбинира со блузи, кошули и високи потпетици – кога е во деловно опкружување. Она што го истакнува дизајнерката на костимите Линди Хеминг е дека најважно е да се направи крој без грешки, па затоа беа користени само најдобри материјали, како свила и лен.
Изгледот што најмногу воодушевува во филмот е бел комплет, кој се состои од блуза и здолниште со висок струк, кое ги истакнува нозете на актерката, а е искомбинирано со салонки, бујни кадрици и црвен кармин. Најспектакуларниот костим е дизајниран за најефективната сцена – кога Дајана повторно ја среќава својата изгубена љубов, Стив Тревор.