Американскиот филмски глумец, режисер и сценарист Стивен Сигал, кој исто така е и руски државјанин, не би можел да се кандидира за руска политичка функција бидејќи го задржал и државјанството на САД, информира руски извор близок до Кремљ, пренесува „Њузвик“.

Сигал, кој е специјален претставник на руското Министерство за надворешни работи, е одговорен за хуманитарните релации помеѓу Русија и САД, и доби членство во партијата „Праведна Русија – Патриоти – За вистината“, која настана со спојување на три помали партии. Сигал во саботата присуствуваше на дискусијата за казни и говореше за предлозите во врска со загадување на животната средина.

– Само со тоа што ќе добијат парична казна, а не можат да бидат уапсени, загадувачите повеќе заработуваат додека ја загадуваат средината – изјавил Сигал за време на дискусијата.

Актерот, кој исто така е познат и по боречките вештини, е руски државјанин од 2016 година и голем поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин. Тој беше назначен за специјален претставник на руското Министерство за надворешни работи што се занимава со руско-американски хуманитарни врски во 2018 година.

Модел-законот што беше претставен на дискусијата е подготвен од Сигал, според кој ќе се изврши измена на Кривичниот законик на Руската Федерација со која ќе се дефинираат „вистинските услови за загадување на животната средина“. Амандманите беа наречени „Законот на Стивен Сигал“.