Американскиот писател Стивен Кинг уште во 1978 г. во романот „Д стенд“, неговиот најобемен досега, пишувал за вирусна пандемија што го десеткувала човештвото. Во неодамнешно интервју, тој вели дека затоа му е јасно што многумина му се јавуваат и тврдат дека имаат чувство дека поради ситуацијата со коронавирусот зачекориле во една од неговите страшни приказни.
– Постојано се јавува некој што ќе каже: „О, па ова личи како да живееме во роман на Стивен Кинг“. Мојот одговор на тоа е: „Жал ми е. Беше само прашање на време кога светот ќе го погоди пандемија како оваа. Порано или подоцна во нашето општество во кое патувањата се составен дел на секојдневниот живот, мораше да дојде до вирус што ќе го допре светот“ – изјави во неодамнешно интервју писателот на хорор-приказни.

Се вели дека пандемијата ќе остави траен печат на денешните генерации.
– Во моментов сум во своите седумдесетти години и се сеќавам како мајка ми ми раскажуваше за Големата депресија. Оставила лузна, траума. И верувам дека мојата внука, која не може да си ги види пријателите, некогаш на своите деца ќе им раскажува за 2020-та кога сите сме биле затворени во своите куќи со месеци – вели Кинг. Писателот признава дека тешко се носи со овие анксиозни времиња, но дека престојот дома му помага да се фокусира на пишувањето.

– Нема многу што да работам, а и добар начин е да се тргнам од стравот. Не чувствувам паника, туку некој вид упорна тешкотија – вели Кинг.
За улогата на книжевните хорори во време кога целиот свет е застрашувачки вели дека тие се како соништа, може да се влезе во тој свет и да се знае дека не е вистински, но ако уметникот, писателот, филмаџијата, е добар, за кратко ќе поверувате во тој приказ.