Стефан Николовски е 26-годишен стрип-уметник од Скопје, кој студира на Факултетот за ликовни уметности. Каде и да оди, во својот ранец секогаш ги носи неговите дела. Расположен и дружељубив, тој ги објаснува и коментира цртежите со супер-херои,
на сите што се заинтересирани да дознаат за неговиот неверојатен свет.

На која возраст почнавте да цртате? Кои Ви се омилени супер херои?

– Не се сеќавам за да дадам точен одговор, можеби на шест или на седум години. Би рекол дека мои омилени супер-херои се Супермен, Дердевил, Хелбој, Бетмен, Силвер сурфер, Шазам, Гоуст рајдер и многу други.

Цртате рачно или на компјутер?

Кога е во прашање избор помеѓу традиционалниот пристап или дигиталниот, мојот прв чекор е секогаш традиционалната опција. Тоа не значи дека имам нешто против дигиталните алатки, впрочем во неколку наврати ги имам користено. Само што, допирот на дланката со хартијата, движењето, звукот и мирисот на моливот за мене се драги. Тие ми се пријател од раното детство и немам намера да го расипам тој однос во блиска иднина.

Со каков прибор цртате и зошто тој е вистинскиот за Вас?

Користам комбинација од молив, туш, лавиран туш и рапитографи, затоа што техниката црно-бело е стилот кој го преферирам засега.

Кои стрип артисти Ви се инспирација?

– Виновникот кој ја предизвика искрата кај мене и кој истовремено беше врата која води во тој нов свет е Тод МакФарлан. Листата на уметници чии дела допреле до мене секако е огромна, но би ги набројал Мајк Мингола, Грег Калупо, Џек Кирби, Анди Куберт, Марк Баглеј и многу други.

Што правите за да ги наполните креативните батерии?

– Ништо! Знам дека звучи чудно, но оставам тоа да ми пријде самото. Во меѓувреме, додека чекам, многу читам и гледам филмови. Немам посесивен однос со музата. Нашата прва средба беше на слободна волја, па така сакам и да остане, да има соработка и своеволно служење, а не тиранија. А „тоа“ е како мало дете со фантазија  огромна колку една галаксија, кое дотрчува до мене и вика, а што ако… и така започнува сè. На тоа подножје јас додавам стабилност и цврстина и созддавам цел еден свет.

Покрај тоа што ги цртате, дали Вие ги пишувате и приказните за Вашите херои?

За жал, сè уште немам издадено ништо свое. Но, она што стои на работната маса и во нејзините фиоки, како и самите цртежи, е креирано од мене. Мојот прв стрип засега е во рана изработка, но се надевам дека наскоро ќе биде издаден.

Дали сте соработувале со некого досега?

Имав мала соработка со Синеплекс, цртав за премиерата на „Лига на правдата“ во 2017 година. Направив осум цртежи во рок од два дена. Тие направија копии кои беа изложени за време на премиерата, а оригиналите ги подаруваа. 

Што се добрите и лошите страни да се биде стрип-артист?

Професионално како стрип-цртач започнав да работам пред можеби една година. Од лично искуство, можам да кажам дека добра страна за мене е зачекорувањето или пристапот кон тој друг свет, она што го креираш на парчето хартија, кое потекнува од умот и срцето, создавањето на разновидни карактери и светови, танцот со инспирацијата, бегството и одморот, како и пријатниот замор потоа. Стануваш алатка и медиум на трансцендентноста, која те обвива и одзема и за момент ја отстранува твојата самостојност за да делува преку тебе. Делото е на тој внатрешен посетител. Тоа е една убава неразумност во која човек се губи. Што се однесува до лошите страни да се биде стрип-цртач, тоа се болките во грбот, пуштањето стомак, недоволен сон и соработка со луѓе кои често и самите не знаат што сакаат.

Кој е најдобриот совет што некогаш сте го добиле?

– Да читам. Да го проучам добро и да допрам до она што го цртам и да цртам колку што можам повеќе. Ова го извлеков читајќи интервјуа на многу уметници.

Која порака ја пренесуваат вашите дела?

– Уметноста е алатка која треба да го потсети набљудувачот за  важни работи кои се компас кон суровата вистина. Еден од титаните кои го газат човекот е заборавот. Ние сме многу ранливи на него. Човековата историја е хроника на злосторства, која е попрскана со трошки од привремена среќа или напредок. Цртежите го потсетуваат човекот дека неговиот корен не е надолу, а отстранувањето на прашината од огледалото треба да нè потсети на нашиот вистински одраз. Тоа е градење на еден прозорец преку кој набљудувачот доаѓа до средба со гласот скриен зад завесата од линии и бои. Но самиот тој, како набљудувач, треба да одлучи дали да го отвори или не.