Откако пет година го користеле за откривање мини во Камбоџа, стаорецот Магава е пензиониран. Овој глодач бил најуспешен од сите припадници на овој вид, што ги обучувала белгиската добротворна организација АПОПО. Магава откривал мини на простор со површина од 225.000 квадратни метри, што е еднакво на површина од 31 фудбалско игралиште. Открил 71 мина и 38 други неексплодирани средства.
Лани во Велика Британија му беше оддадено признание со доделување златен медал, орден што им се доделува на Британците и на воениот персонал за посебни заслуги. Тој е прв глодач што го добил медалот, а претходно со него биле наградени: кучиња, коњи, гулаби и мачки.
– Без оглед на сѐ, Магава сѐ уште е со добро здравје, но сега е време да оди во пензија – порачаа од АПОПО.
Мален, која се грижи за Магава, истакна дека е горда на тоа што го направило
досега ова мало животно.

– Иако е мал, Магава многу придонесе за спасување голем број човечки животи и нашата земја што поскоро да биде безбедна. Сега мора да се повлече, бидејќи треба да ги почитуваме и неговите потреби. Ќе ми недостига работата со него – изјави Мален.
Во меѓувреме, обучени се 20 нови стаорци за откривање мини. Нивното чувство се користи за детекција на минско-експлозивни средства. Во АПОПО сфатиле дека за оваа намена особено се корисни африканските џиновски стаорци. Тие движејќи се не можат да активираат мина, а можат брзо да ја пронајдат.
АПОПО придонесува за чистење на мините и во: Ангола, Зимбабве и во Мозамбик. Од организацијата порачуваат дека 60 милиони луѓе во 59 држави се загрозени од неексплодирани мини и други експлозивни средства.