Постојат ситуации кога ситници можат да ве исфрлат од такт и да ви го уништат денот. На пример, билет за паркирање, расправија со шефот, извалкана маица – некогаш се доволни за да ве исфрлат толку многу од рамнотежа што ништо што се случува добро во текот на денот не може да ја поправи ситуацијата. Покрај тоа, вие дури и не ги перципирате добрите работи, тврди американскиот клинички психолог Лин Р. Закери и нуди излез од оваа стапица и нè учи како да станеме оптимисти.
– Се оптоваруваме со работи над кои немаме контрола, работи што прават да се чуствуваме непријатно, што влијаат врз нас и нè прават тажни. Дури и нешто незначително како кога ќе добиеме само „ок“ од пријател на порака, може да ни го уништи денот. Малите работи зафаќаат премногу простор во нашите мозоци – објаснува Закери.

Клиничкиот психолог Џош Клапоу вели дека ситуациите во кои ќе изгубиме нешто или ќе бидеме отфрлени од некого или ситуации во кои сме ранливи на некој друг начин ги прогонуваат нашите мисли.
– Од еволутивна гледна точка, ние сме програмирани да бараме негативност за да се заштитиме, но тој образец веќе не ни е потребен. Колку повеќе време поминуваме фокусирајќи се на негативни настани, толку повеќе го обучуваме мозокот да им дава приоритет на негативните нешта и настани отколку на позитивните – објаснува психологот.

Повеќето од неговите колеги се согласуваат со ова и веруваат дека негативните настани имаат поголемо психолошко влијание врз нас отколку позитивните.
– Негативното размислување има ефект на домино. Може да доведе до тоа да го гледате светот во искривена перцепција – обоен од страв, тага, вина и лутина. Не можеме секогаш да ги контролираме негативните емоции, но можеме да влијаеме на нивното времетраење – вели Клапоу.