Поп-пејачката Александра Јанева сними нова песна, насловена „Срце отвори“, за која реализира и интересен ретро видеозапис, изработен од продукцијата „Пинестел“, во режија на Пеце Здравковски.

На видеото пејачката е сама со својата бура од позитивни емоции, која секој може да ја почувствува доколку живее со отворено срце.

По успехот на минатогодишниот сингл „Ќе се вратам некој ден“, Александра ја продолжи соработката со авторите Панче Илиев и Иле Спасев, а текстот го напиша Огнен Неделковски.

– „Срце отвори“ е песна за сите нас што секој ден се трудиме да му се допаднеме некому, а сè што треба е искрено да се отвориме за да доживееме љубов, да влеземе во својот филм – вели Јанева.