Срнчето Бамби, кое Ќире Радески го пронајде во планината, близу неговото родно село Белица, го прослави својот прв роденден. Оттогаш до денес Бамби доживеа целосна трансформација и од малечко срнче прерасна во вистински убавец, дар на природата. Ќире со радост во очите и многу инспиративно раскажува за првата средба со Бамби и за годината во која се неразделни.

– Од денот кога го пронајдов Бамби доживеав вистинска преродба. Со мојата сопруга толку се соживеавме со него, што денес не можеме да го замислиме животот без него. Во неколку наврати бевме и крајно исплашени, кога ненадејно го напушти нашиот дом и се упати во шумата. Но и покрај повикот на дивината, срнчето се враќаше дома за уште поголема радост и среќа на нас двајцата – вели Ќире.
Многу негови пријатели доаѓаат и од други градови да се дружат со неговото милениче.

– Речиси секој ден животот ми е исполнет со Бамби, со мојата сопруга редовно го храниме, го шетаме и го милуваме. Кај нас доаѓаат многу пријатели и познаници од страна да го видат нашето срнче и тие одблизу да ги почувствуваат неговата питомост и убавина. Децата, особено за викендите, кои доаѓаат во селото, најпрво навраќаат кај нас за да се помилуваат со Бамби, а потоа одат во своите домови – додава Ќире, целосно препуштен на дружбата со срнчето.