Во Македонската филхармонија утревечер, со почеток во 20.30 часот, скопската публика ќе го проследи концертот на „Постмодерн џубокс“, музичкиот колектив што во целосно старински стил го носи духот на Њуjорк во своите настапи. На специфичен начин, групата составена од петмина пејачи, исто толку музичари и еден степ-танчар, изведува познати хитови, меѓу кои се и популарните песни на „Радиохед“, „Строукс“, Лејди Гага, „Вајт Страјпс“ и многу други.

Според организаторот на концертот, „Авалон“, станува збор за моментално најголемата и најинтересна концертна атракција во светот. Настапите на „Постмодерн џубокс“ во суштина претставуваат врвно џез и свинг-кабаре. Во Скопје групата доаѓа во рамките на актуелната турнеја, насловена „Бек ин блек енд вајт“.

Според контрабасистот на групата Адам Кубота, нивната гледаност на Јутјуб ја надминува бројката од милијарда прегледи, а досега настапиле на сите континенти, освен на Антарктикот. Чести гости се во најголемите светски метрополи, Њујорк, Лондон, Сиднеј…, но секако се радуваат и на настапи во земји во кои досега не биле, како што е Македонија.