Автомобилот „Порше 911“ на аргентинската фудбалска легенда Диего Армандо Марадона е на аукциска продажба преку интернет до 10 март, со почетна цена од 200 илјади евра, пренесуваат светските медиуми. Автомобилот се нуди на продажба со 120.000 поминати километри.

Сребреното „порше“ се поврзува со последната сезона која Аргентинецот ја играше во Европа, како член на шпанска Севилја, откако отслужи 15-месечна забрана поради позитивен тест на дрога. Со овој автомобил Марадона доаѓал на тренинзите и натпреварите на шпанскиот клуб во сезоната 1992-93.  Марадона со своето „порше 911“ тогаш се најде и на насловните страници, откако бил запрен од полицијата во центарот на градот, додека минува на црвено светло со брзина од 180 километри на час.

Автомобилот го возел единствено Марадона и затоа би можел да вреди до три пати повеќе од реалната вредност на овој модел, според експертот за автомобили, Грегори Тујтенс, од белгиската аукциска куќа „Бонамс“.

Еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња Диего Марадона почина на 25 ноември минатата година.