Во музичкиот бар „Интермецо“ на едно место се споија уметноста, музиката, архитектурата и модниот дизајн. Публиката имаше можност да биде дел од уметничкиот перформанс на уметницата Елена Поповска создавајќи го уметничкото дело „Вајлд харт“, инспирирано и збогатено со музичкиот сет на артистите Константин Петти и диџеј Јуниор Папа, архитектонското студио „Коннтра“, модната дизајнерка Евгенија Зафировска, „Лапласт-М“ и „Аурис бои“.
Непосредно пред перформансот беа изложени делата од уметницата Поповска.
Елена Поповска својата креативна наклонетост и талент за сликање ја негува од детството. Последните осум години интензивно се занимава со сликарство. Сликите се насликани во акрилна техника и меѓусебно се дополнуваат во една впечатлива моќна наративна целина, која раскажува за предизвиците и вредностите на современата средина во која живееме. Во концептот е застапено прикажувањето човечки ликови што претставуваат рефлексија на сегменти од лични доживувања и искуства на авторката.
Првата самостојна изложба ја реализира во 2019 година, а годинава беше дел од мултимедијалната изложба „Белегот на времето“ во „Мала станица“.