Белградскиот ресторан служи специјалитети од земјите што не ја признаваат независноста на Косово

Политиката го одредува менито на беградскиот ресторан „Корчагин“, кој служи само јадења карактеристични за земјите што не ја признаваат независноста на Косово, пренесува „Франс 24“.

Така, на менито на овој ресторан се наоѓаат мадагаскарската месна штрудла, пилешкиот ќебап според рецеп од Лесото и ракчињата во сос од портокал кои се национално јадење на Палау, островската држава што се наоѓа во Тихиот Океан.

– Не сите во Србија знаат за Палау – вели 29-годишниот Војин Цуциќ, сопственикот на ресторанот што секоја недела служи специјалитет од одредена држава што ги поддржува интересите на Србија.

Досега, над 100 држави ја признаа независноста на Косово, од вкупно 193 членки на Обединетите нации. Приштина инстистира дека е признаена од 116 земји, но не е познат точниот број бидејќи одредени држави се премислија.

– Доколку САД го повлечат признавањето три дена ќе служиме пијачки бесплатно – низ смеа вели Цуциќ, додавајќи дека патриотизмот претставува негова инспирација.

Ѕидовите на ресторанот „Корчагин“ се исполнети со фотографии од времето на СФР Југославија, како и со други обележја од тој период. Готвачите досега подготвиле преку 70 странски јадења, со што предност добиваат специјалитетите од земјите кои го повлекле признавањето.