Човекот што поминал три недели во импровизирано засолниште на Алјаска, откако изгорела неговата монтажна куќа, бил спасен од војниците кои ги забележале буквите „СОС“ во снегот.

Тајсон Стил (30) бил пронајден во добра здравствена состојба на 32 километри од градот Сквентна, соопштиле спасувачите.

Во пожарот што се случил во средината на декември настрадало кучето на Стил и била прекината целата можна комуникација, поради што семејството и пријателите по неколку недели побарале од војската да провери што се случува со него, пренесува АП.

Екипажот на хеликоптерот пристигнал во домаќинството и го забележале Стил како мавта со рацете во близина на импровизирано засолниште.

Сквентна има 35 жители, се наоѓа на 113 километри северозападно од Енкориџ, најголемиот град на Алјаска.