Моја и желба на моите соработници е пиперките што ги преработуваме да бидат здрави и добро созреани и одгледани без никакви други додатоци. Тоа е гаранција за квалитетен пипер, вели познатиот пиперџија Шазо, заштитен знак на Кичевски пазар

Ако за некого може да се рече дека е заштитен знак на зелениот Кичевски пазар, тоа сигурно во најголема мера важи за Шазо Коџаџиклиоски, попознат кај редовните муштерии како Шазо Пиперџијата. Тој уште од детски години доаѓал на пазарот, каде што му помагал на таткото Мале, кој исто така се занимавал со преработка на пипер.

– Ако за некое место во градот ме врзуваат најмногу спомени тоа секако е Кичевскиот зелен пазар, каде што сум присутен половина век како продавач на првокласен црвен пипер. Бидејќи производството на црвен пипер е наша семејна традиција, јас уште како дете му помагав на татко ми. Долги години на нашата тезга доаѓаат постојани муштерии, пред сѐ поради високиот квалитет на нашиот пипер – вели Шазо.

Тој речиси секојдневно, а особено во саботите доаѓа на зелениот пазар во континуитет од половина век.

Дека неговиот пипер има постојано висок квалитет, ни потврди и една домаќинка што ја затекнавме на неговата тезга.

– Иако времињата се сменија, сепак со црвениот пипер од кај Шазо јадењата се највкусни и на манџите им дава посебна арома, боја и вкус. Кој еднаш пробал од овој пипер, повторно ќе го купи – вели Трајанка.

Таа ни потврди дека еднаш месечно го посетува зелениот пазар за да се снабди со црвен пипер од кај Шазо.

А тој, пак, навраќајќи се во минатото ни рече дека памети и подобри времиња кога пазарот вриел од купувачи, а прометот бил многу поголем.

– Во изминатите 50 години откако сум редовно присутен на пазарот, состојбите многу се сменија. Граѓаните сѐ помалку го посетуваат зелениот пазар и помалку купуваат, бидејќи во многуте маркети во градот можат да се снабдат со сѐ што им треба па и со црвен пипер, кој сепак го нема нашиот квалитет што и самите го признаваат – додава Шазо.

Тој ги услужува купувачите секогаш дотеран во син работен мантил како што му прилега на еден пазарџија. Тоа ниво го држи со децении, исто како и квалитетот на својот производ.

Освен во Кичево, Шазо ги посетува пазарите и во други градови во регионот како Гостивар, Охрид и други места.

Што се однесува до суровината, тој покрај набавката на црвени пиперки од Повардарјето и од Источна Македонија, поседува и сопствени земјоделски површини со црвена пиперка, а за да има и поголемо производство зема и ниви под наем на кои ја сади истата култура.

– Моја и желба на моите соработници е пиперките што ги преработуваме да бидат здрави и добро созреани и одгледани без никакви други додатоци. Тоа е гаранција за квалитетен пипер. А што се однесува до наследниците, децата имаат сѐ помалку интерес да продолжат со овој занает и со моето заминување во пензија, тешко е да се поверува дека некој ќе ме наследи – ни рече на крајот Шазо.

Тој на сите купувачи, кои ја посетуваат неговата тезга, задолжително им нуди да пробаат и свеж крушевски локум и често неговите посетители се само дегустатори, но тоа не го мотивира да ги смени навиките.