Сите возрасни лица треба да практикуваат најмалку 150 минути интензивна физичка активност неделно, затоа што тоа е важно за благосостојбата и за менталното здравје во ерата на коронавирусот, објави Светската здравствена организација (СЗО).
Се препорачува децата и адолесцентите да имаат просечно еден час дневна физичка активност и да го ограничуваат своето време пред електронските екрани.
– Луѓето од сите возрасти треба да го компензираат долгото седење со физичка активност за да го намалат ризикот од болести и да додадат години на нивниот живот – изјави СЗО во започнувањето на кампањата „Секој потег е важен“. Зголемувањето на физичката активност не само што помага во спречување и управување со срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и рак туку исто така ги намалува симптомите на депресија и анксиозност, го намалува падот на когнитивната способност, вклучувајќи и Алцхајмеровата болест и ја подобрува меморијата – вели Руедигер Креч, директор на СЗО.

Секој четврти возрасен и четири од пет адолесценти немаат доволно физичка активност, што може да вклучува пешачење, возење велосипед, градинарство, предупредува СЗО.
На бремените жени и мајки по породувањето им се препорачуваат од 150 до 300 минути умерена до енергична аеробна активност неделно.
Според Хуана Вилумсен, техничка службеничка на СЗО, ова носи здравствени придобивки и за мајката и за бебето. На пример, жените што се физички активни за време на бременоста го намалуваат ризикот од гестациски дијабетес за 30 проценти.
На возрасните над 65-годишна возраст им се препорачува да прават вежби за зајакнување на мускулите и активности за рамнотежа и координација за да спречат подоцнежни падови.