Селаудин Абдулоски, уличен свирач

Полни четири децении Селаудин Абдулоски ги забавува граѓаните на плоштадите и на најфреквентните места во градовите низ Европа и денес со полни 60 години е задолжен за добро расположение на жителите на родното Кичево. Mожете да го забележите на булеварот Ослободување или кај поранешното Зелено пазарче, каде што со својот кавал неуморно свири, а во кутијата пред него можат да се забележат банкноти како награда од дарежливите сограѓани.
– Како самоук музичар свирам на повеќе дувачки инструменти и на хармоника. Како млад најпрво свирев во КУД „Нико Пусоски“ во Кичево, а почнав да свирам на улица и тоа го правам до денес, полни четири децении. Се сеќавам на убавите доживувања и средби во големите германски градови. Таму многу ги почитуваат уличните свирачи, а и заработката е многу добра и можеше солидно да се заработи и да се живее. За разлика од нас уличните свирачи што бевме дојдени однадвор, локалните улични свирачи беа осигурени и во старост добиваа пензија, што не беше случај со нас дојденците – вели Селаудин Абдулоски, кој е голем носталгичар и по многу години се вратил во земјава.

Покрај него, во неговата фамилија со музика се занимавале и неговиот татко и тројцата браќа.
– Потекнувам од музичко семејство, но моите два сина работат сосема друга работа. Ќе ги забавувам сограѓаните на улица додека ме служи здравјето. Многу новинарски екипи ме снимале и подготвуваа емисии за мене, па веќе сум познат насекаде – додаде Абдулоски.
Тој е единствен уличен свирач од Кичево е задоволен и од малата заработка. Можеби, како што вели, со неговата музика ќе ги поттикне и помладите од градот што свират на некој инструмент да почнат да свират на улица.