Фото: Стефан Рајхл

„Фанк шуи“ со својот настап синоќа покажаа дека веќе за нив домашната сцена е претесна, Влатко Стефановски звучеше најдобро до сега, а Џибони повторно ни ги подари своите песни-пораки и многу љубов, како што беше насловен и фестивалот во СРЦ „Борис Трајковски“ – „All you need is love“

Третото издание на фестивалот „All you need is love“, вчеравечер во СРЦ „Борис Трајковски“ на скопјани им приреди петчасовно уживање, а за успешната предновогодишна журка, најголеми виновници се: момците од „Фанк шуи“, Влатко Стефановски со своето трио и Џибони со неговите пријатели од целиот регион.

Само една недела пред доаѓањето на 2019 година, повеќеилјадната публика во речиси полната арена ги проследи настапите на вонсериските гости, кои пленеа, не само со својата музика и виртуозност, туку и со искреноста и добрите вибрации што ни ги испратија.

Први, како и што е ред, настапија најмладите, членовите на бендот „Фанк шуи“, група која со својата автентичност и авангардност, сепак допира и до пошироката публика. Звучеа многу сигруно, а одличното озвучување и светлосните ефекти ја направија нивната свирка уште повпечатлива. Ја слушнавме и најновата песна „Деца“, што излезе деновиве, како и нивните претходни хитови: „Архетип“, „Виулица“, „Стаклени нозе“…Се надеваме дека наскоро за овој бенд ќе се слушне и надвор од нашите граници.

По нив на сцената застанаа Влатко Стефановски, Ѓоле Максимовски и Дино Милосављевиќ. Нашиот врвен гитарист уште еднаш докажа и покажа дека е вистински магионичар, кој лесно си поигрува со својата гитара, при тоа на секоја од добро познатите песни со кои настапува насекаде низ светот и додаде нешто специфично, дотогаш неслушнато.

Стефановски откри и дека вистинска среќа е што триото воопшто дента се спуштило на скопскиот аеродром поради маглата, а слушнавме дека проблеми со слетувањето имал и Џибони, со кого се сретнал на аеродромот во Љубљана. Се разбира добрите пријатели средбата ја искористиле за искрен муабет.

И овојпат тој се претстави како Влатко Стефановски.цом.мк, алудирајќи на ширењето на приказната за Македонија на неговите концерти во регионот и пошироко (неодамна гостуваше во Австралија). Па, ако може да се замисли како им звучиме на странците, секако тоа се и песните „Јовано, Јованке“, „Учи ме мајко карај ме“, „Сеир“, „Бистра вода“, „Џипси сонг“, „Скопје“….На концертот првпат пред поголем аудиториум засвире на тапани и неговиот син Јан Стефановски, кој одлично се снајде со палките. По топлиот аплауз од публиката и Влатко не криеше дека се гордее со него.

Фото: Стефан Рајхл

А Златан Стипишиќ Џибони, уште од првата песна ја почувствува одличната енергија и и се поклони на македонската публика. Тој уште неколку пати им оддаде почит на музикалните скопјани, кои и овојпат го пречекаа со раширени раце и цело време пееја со него.

Падна и заедничко селфи со публиката, имаше и шеги, најмногу на сметка на музичарот Никша Братош, а Џибони одлично расположен и комотен, како да е во својата дневна соба, како што изјави дека се чувствува на настапите во Скопје, но и низ Македонија, даде се од себе и оваа вечер да ја почувствуваме магијата на неговите концерти. Тој уште еднаш со својата тајна вештина, успеа да не купи со своите стихови и рими, со песните-пораки кои го положија текстот на времето, како: „Либар“, „Опрости“, „Чиним прави ствар“, „Цесарица“, „Миракул“, „Људи, звири и бештимље“, „Темпера“….

Всушност синоќа, никој никого не разочара, напротив, а целиот концерт како да беше обвиткан со огромни количества љубов, која на сите ни е толку потребна, како што е и насловен овој фестивал – „All you need is love“.