„Рок-симфонија“, како што беше насловен концертот со кој завчеравечер, во Македонската филхармонија, Дани Димитровска одбележа 20 успешни години на македонската музичка сцена, веројатно за неа ќе биде меѓник во кариерата што ќе се мери до и по оваа вечер. Таа, пеејќи ги своите најголеми хитови, во придружба на филхармонискиот оркестар, со кој непогрешливо диригираше Бисера Чадловска, нѐ прошета низ двете изминати децении од нејзиниот живот, кои ѝ ги посвети на музиката. Речиси два часа Дани, среќна и возбудена, ги исполнуваше своите познати рефрени, кои го најдоа патот до публиката, а рака на срце не се малку и сите се препознатливи уште од првите тактови.

– Добровечер и добре дојдовте, сѐ што посакувам е да си ги отвориме срцата и да бидеме едно, барем вечерва, да се сплотиме и да бидеме љубов – со овие зборови Дани на почетокот на концертот ги поздрави присутните.

Таа им се заблагодари на сите соработници за досегашните искуства, а особено на Кирил Бабамов и на Весна Малинова-Бабамов, која е со неа уште откога ги направи првите чекори на сцената.

Концертот почна со песната „Нема две“, следуваше „Животот ме сака“, „Црвени дождови“, „После тебе“, „Срца две“, „Лево десно“, „Најдобра“, „Не живеам за другите“, „Град за љубов“, „Свети“, „Суштина“, „Време“, „Што дотогаш“…

Музичарите од оркестарот беа на висина на задачата, а најмногу уживаше расположената публика, која уште по првата песна ја награди Дани со бурно ракоплескање, кое стануваше сѐ посилно со секоја наредна нумера, а двапати имаше и стоечки овации за изведбите.

Јубилејниот концерт, според сите реакции и коментари на присутните, беше најдоброто од Дани што досега таа ѝ го подарила на публиката, а му го посвети на својот град на љубовта, во кој таа е и секогаш ќе биде онаа вистинската.

Популарната пејачка несомнено го заслужи овој мегаконцерт, покажувајќи голема пејачка зрелост и со секоја нова песна сѐ повеќе нѐ вовлекуваше во својот свет, во кој музиката и љубовта имаат важно место. Но за неа секогаш е многу важна и можноста да се чувствува слободно, бидејќи само тогаш ќе сјае. А нејзиниот сјај оваа вечер сите го почувствувавме.

Иако звукот беше солиден, тој не беше секогаш беспрекорен, а во некои песни попрок-саундот беше многу подоминантен од оркестарскиот, додека неколку мелодии зазвучеа навистина богато и прекрасните аранжмани дојдоа до израз.

Изведбата на „Свети“ беше кулминација на концертот, а на бис таа повторно ја размрда публиката со песната „Што дотогаш“.

Дани дојдоа да ја слушаат и голем број нејзини колеги, јавни личности, претставници на седмата сила, нејзините соработници и обожаватели, кои беа со неа сите изминати 20 години.