Научна студија од „Егзит“

Во изминатите две недели беше спроведено научно истражување во Нови Сад, насочено кон процена на влијанието на фестивалот „Егзит“ врз ширењето на ковид-19, како и степенот на ефикасност на безбедносниот протокол „Безбедни настани Србија“, што беше строго применето на „Егзит“. Истражувањето беше организирано од стручен персонал на Здравствениот дом во Нови Сад и здружението „Проект лаб“, под раководство на шефот на истражувачкиот тим, епидемиологот Марија Милиќ.
– Со цел да се испита ризикот од заразување со коронавирусот за време на посета на масовен настан и во ситуација кога се применуваат сите превентивни мерки и кога од сите посетители се бара да бидат целосно вакцинирани или да имаат негативен тест за коронавирус, беше одлучено за време на „Егзит“ да се спроведе научна студија, со цел да се добијат нови научни сознанија за вирусот. Досегашните прелиминарни резултати покажуваат дека немало позитивни лица меѓу учесниците во студијата, а наскоро очекуваме подетални резултати од студијата – вели Милиќ.
Во студијата се вклучени вкупно 345 испитаници поделени во две групи – вакцинирани и оние што беа дел од фестивалот со негативен тест.

– Тие беа тестирани пред да влезат на фестивалот, од 8 до 10 јули, и само едно лице беше позитивно, кое секако беше спречено да влезе на фестивалот. Тестирањето се повтори по седум дена, од 15 до 17 јули, а резултатите се повеќе од охрабрувачки – и во двете групи ниту една личност не беше позитивна за ковид-19! Со ригорозна контрола на влезот, ваквите резултати од истражувањето беа очекувани. Конечната анализа ќе трае некое време, но веќе може да се каже, и врз основа на истражување и врз основа на дневниот број на новоинфицирани во Нови Сад, дека фестивалот „Егзит“ не е место за масовна инфекција со вирусот – рече директорот на новосадскиот здравствен центар, Веселин Бојат.
Уште еден убедлив доказ дека немало масовно ширење на вирусот на „Егзит“ е фактот дека дури 10 дена по почетокот на фестивалот немаше значително влошување на епидемиолошката состојба во Нови Сад. Друг индикатор дека немало масовна инфекција со вирусот на „Егзит“ се прелиминарните податоци дека од речиси 20.000 странци, од кои на повеќето им бил потребен ПЦР-тест за да се вратат во нивната земја на потекло, само еден странски посетител бил позитивен на вирусот.

Во Европа досега се спроведени истражувања за помали настани, а сите покажаа и дека со наведените ограничувања, концертите и фестивалите не се ризични места за пренос на ковид-19. Истражувањето на „Егзит“ е прво што е направено на масовен настан на кој присуствуваа десетици илјади луѓе, па се очекува неговите резултати да бидат еден од клучните аргументи во борбата за враќање на големи настани во светот.