Повеќе од дваесет делегации учествуваа на неодамнешниот промотивен евровизиски настан во Мадрид во организација на специјализираниот медиум eurovision-spain.com. Повеќе од 17 години овој евровизиски веб-портал е еден од водечките во Шпанија, кога станува збор за информирање, коментар и следење на најгледаното телевизиско шоу во Европа, „Евровизија“.

Во контекст на заложбите за придонес кон целиот евровизиски амбиент во Европа, тимот на eurovision-spain.com лани ја организира и својата прва евровизиска забава, а одличните критики и позитивните реакции од публиката и од членовите на делегациите направија годинава оваа забава да биде официјализирана и од ЕБУ. Освен тоа што за евровизиските ѕвезди беше организирана прес-конференција и средба со медиумите, тие има можност да продефилираат и на црвениот килим пред многубројните обожаватели, а главен настан беше концертот во легендарната „Сала ла Ривиера“, каде што и македонските претставници „Ај кју“ во живо ја претставија „Lost and Found“. На сето ова му претходеше и специјален концерт на кој настапија познати шпански изведувачи, како добредојде за евровизиските делегации и уште една можност да се слави европската музика.

– Настапот во Мадрид беше кулминација на сѐ она што се случуваше во рамките на нашата промотивна турнеја. Публиката во Мадрид беше фантастична, на наше големо задоволство и овде евровизиските обожаватели ја знаеја „Lost and Found“ напамет и ја пееја со нас во хор каде и да нѐ сретнеа. Нема поголема радост за еден музичар од тоа – вели Бојан од „Ај кју“.
Тој исто така додава дека иако се наближува фестивалот, сепак не се чувствува компетитивност меѓу учесниците, туку напротив сите уживаат во овие заеднички моменти што за учесниците на „Евровизија“ се бесценети и размислуваат како сето ова дружење да прерасне во една соработка и по фестивалот. За „Ај кју“ ова беше и последен настан од промотивната предевровизиска турнеја. Следуваат завршните подготовки пред заминувањето на македонската евровизиска делегација за Лисабон в сабота, 28 април.