Со целовечерен концерт на „Архангел“, под мотото 30 години љубов, на 11 октомври во СЦ „Борис Трајковски“ започнува официјалната музичка програма на 22-то издание на фестивалот „Таксират“, кој повеќе од 20 години ја отсликува убавата страна на градот и игра значајна улога во градење на културата на нашите простори. „Архангел“ е едно од најзначајните македонски остварувања на сите времиња и претставува темелник на домашната урбана музика. Во својата кариера групата издава четири албуми, преку кои стекнува култен статус како една од најголемите и најквалитетни македонски рок-групи.
Програмата продолжува една недела подоцна, со соло-концерт на еден од најдобрите изведувачи од домашната андерграунд-хипхоп сцена, Страјк. По рекордно распродадениот прв соло-концерт во 2018-та, Страјк со својот моќен израз и сурово искрени рими, се враќа на бината на фестивалот „Таксират“ на 23 октомври.

Во рамките на „Таксират“ ќе се одржи и седмото издание на првата и единствена музичка конференција и шоукејс-фестивал кај нас, ПИН. Годинашното издание ќе биде фокусирано на здружување на силите на најдобрите и најнови музички таленти од регионот, Европа и од Македонија, како и најрелевантните имиња во музичката индустрија – промотори, менаџери, музичари, новинари. Една од целите на ПИН е да им даде можност на домашните, млади музички таленти да настапат пред голем број професионалци од светот на музичката индустрија.