Со едукативниот семинар „Традиционалната култура во прилепското поле“, која се одржува онлајн изминатите два дена, почнаа активностите за годинашниот, 46-ти традиционален фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, кој, наместо во јули, поради коронавирусот се реализира викендов.
Фестивалот почнува со отворањето на изложбата на народни носии и традиционални експонати во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“.

Свеченото отворање е вечерва, во 19 часот, на камената бина на плоштадот „Александрија“, како и првата фестивалска вечер. В сабота, од 11 часот, во ликовниот салон е симпозиумот на тема „Фолклорот во минатото и денес“, а ќе има промоција и на зборник на трудови. В сабота, од 18 часот, е и втората фестивалска вечер, која ќе се одржи на Рудина во Долнени.

Мисијата на фестивалот е презентација на фолклорот, размена на искуства и зачувување на древните и драгоцени вештини на свирачите на народни инструменти и пејачите на изворни песни.