Фото: Дарко Андоновски

Во рамките на „Деновите на франкофонијата“ преку низа активности децата се запознаваа со францускиот јазик и култура

Со првиот „Детски кански фестивал“, на кој се претставија децата од градинката „13 ноември“ од Скопје, што се одржа во „Театар комедија“, се заокружи проектот „Запознај ја Франција“. Со оваа заедничка иницијатива на општината Центар и на градинката „13 Ноември“ се зацврсти соработката со Францускиот институт во Скопје. Со овој проект и со низа активности општината Центар се вклучи во одбележување на „Деновите на франкофонијата“, чиј завршен настан е „Детскиот кански фестивал“. Во овој проект, децата добија можност да се запознаат со ликовите од француските сликовници и книги, како и со главните актери во анимираните француски филмови.

Момчињата и девојчињата танцуваа со радост и смеа на неколку песнички, а се прикажуваше детски филм како дел од проектот „Филмска приказна“, во кој беше претставена грижата кон животните. Во рамките на „Деновите на франкофонијата“ преку низа активности децата се запознаваа со францускиот јазик и култура.
На манифестацијата присуствуваа директорот на францускиот институт во Скопје, претставници на Центарот за детска заштита, претставници на Центарот за труд и социјална политика, како и голем број родители. Пред почетокот на „Детскиот кански фестивал“, беа поделени благодарници од градинката „13 Ноември“ – Скопје, а благодарност изразија францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, и директорот на Францускиот институт, Емануел Рембер.

– Навистина ми претставува задоволство што учествувам на патувањето во Кан. Знам дека му пристапивте на францускиот јазик со навистина голема креативност во рамките на вашата установа, а се надевам дека ќе продолжите. Вие сте добредојдени во Франција, на Азурниот Брег, во Париз, во „Дизниленд“ на многу други места каде што може да се изучува францускиот јазик. Вашиот престој во Франција ќе ни овозможи нам да го научиме македонскиот јазик. Ви благодарам – истакна амбасадорот Тимоние во своето обраќање.

Пред изведбата на децата, збор зеде и директорот на Францускиот културен центар, Емануел Рембер.

– Навистина е задоволство што децата избрале ваква актуелна тема, бидејќи го затворивме Канскиот фестивал во Франција. Ги охрабрувам сите деца да продолжат да го изучуваат францускиот јазик. Сите велат дека францускиот јазик е тежок, меѓутоа тоа не е вистина, па дури и грешките што се прават во францускиот јазик се убави грешки. Ви посакувам убава претстава – рече Рембер.