Здружението „Оризова братимка“ е единствено кај нас што произведува биосмарт-ориз

Биосмарт-оризот се произведува со сеидба на суво, односно со редосеалка, и водата се пушта кога тој е проникнат. За разлика од традиционалното сеење на оризот, кај кое се практикува рачна сеидба во вода, овој начин на производство овозможува оризот да биде посеан 20-30 дена порано, а соодветно на тоа и порано да биде ожнеан. Напролет има доволно влага во почвата поради пролетните дождови и поради тоа не му е потребна вода на оризот за поникнување.

На тој начин, со сувата сеидба и со ласерското нивелирање на парцелите, се заштедува вода, се олеснува сеидбата, бидејќи се врши машински, се заштедува на семе, има подобро поникнување на оризот, како и поефикасна заштита на суво. Бидејќи во почетокот на вегетацијата оризот е на суво, тој добива цврст коренски систем, што му оневозможува да полегне во фазата на зреење и да предизвика отежнато жнеење. Кај биосмарт-оризот не се користат инсектициди, кои кај традиционалниот начин на производство на оризот предизвикуваат уништување на голем број корисни микроорганизми, како за почвата, така и за животната средина.

– По пуштањето на водата во биосмарт-оризот не се прават никакви третирања што му наштетуваат на живиот свет во водата, кој се наоѓа во фаза на развој, особено на жабите. Додека кај традиционалното одгледување, полноглавците угинуваат во голем процент, кај биосмарт-оризот е обратно, во голем процент остануваат живи оплодените форми во водата во оризовите полиња. Со опстанокот на живиот свет во водата позитивно се влијае на опстанокот на штрковите во ова подрачје, како и на разните видови птици – вели Јорданчо Лефков, претседател на здружението „Оризова братимка“, кое е единствено кај нас што произведува биосмарт-ориз.
Според него, во нашата држава постои неодржлив модел на оризово производство, кој е непрофитабилен за оризопроизводителите, има штетно влијание за животната средина и предизвикува неконтролирано искористување на природните ресурси.

– Поради таквата состојба, се наметна потребата да се направат неопходни промени во процесот на производство на ориз. Водејќи се од таквата цел, почнавме пилот-проект, поддржан од „Програмата за зачувување на природата“, координиран од „Фармахем“, а финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, во чии рамки го испитувавме користењето на системот „капка по капка“ во процесот на производство на ориз, преку кој се вршеше наводнување и ѓубрење на оризот. Минатата година ја формиравме јадрената група за одржливо производство на ориз „Оризова братимка“. Мисијата на здружението е промовирање и практикување на ефикасното искористување на ресурсите и одржливиот начин на производство на ориз, како и обезбедување квалитетен производ што ќе биде конкурентен на пазарот преку унапредување на врската помеѓу оризопроизводството, истражувањата, јавните политики, трговијата и потрошувачката. Исто така, како здружение се залагаме производителите на ориз во Македонија да ги прифатат и применуваат најдобрите практики во производството на ориз – ни сподели Јорданчо.

Нивното здружение има 30 члена, кои произведуваат ориз на одржлив начин.
– Бидејќи сме свесни за штетното влијание врз животната средина што го предизвикуваат агротехничките мерки при традиционалното одгледување на оризот, насочени сме кон наоѓање начини и практики да се намали негативното влијание врз животната средина, рационално и контролирано користење на природните ресурси, намалување на потребното вкупно количество вода за вегетација на оризот, контролирана употреба на ѓубривата и пестицидите. На тој начин, со биосмарт-оризот придобивки имаат живиот свет, животната средина, фармерите и потрошувачите – објаснува Лефков.

Јадрената група за одржливо производство на ориз „Оризова братимка“ е во фаза на изработка на правилник за сертифицирање на овој производ и на дизајн на пакување, па земјоделците што произведуваат ваков ориз ќе можат да се надеваат на пласман на производ со додадена вредност и повисока цена, а потрошувачите на безбеден и здрав ориз со добар квалитет.