Првата фаза на правната постапка на војвотката од Сасекс против еден весник за објавување на „приватно и доверливо“ писмо до нејзиниот татко, е во тек, пишува „Експрес“.

Меган го тужи „Асошиејтед њузпејперс“, издавачот на „Мејл он сандеј“ и „Мејл онлајн“, за статијата во која се објавени делови од рачно напишаното писмо испратено до Томас Маркл, во август 2018 година.

Делови од писмото беа објавени во весникот и на Интернет во февруари минатата година, а беше најавено дека војвотката ќе покрене правна постапка во октомври.

Насловот на статијата гласеше „Откриено: Писмото што ја покажува вистинската трагедија на расправијата на Меган со татко и, за која вели дека и го скршила срцето во милион парчиња“.

Војвотката бара отштета од „Асошиејтед њузпејперс“, за наводна злоупотреба на приватни информации, кршење на авторски права и кршење на законот за заштита на податоците.

„Асошиејтед њузпејперс“ целосно ги негира обвинувањата – особено тврдењето дека писмото било изменето на каков било начин со што би се променило значењето, и вели дека жестоко ќе го оспори случајот.

Денес на прелиминарното рочиште , кое ќе се спроведе од далечина, адвокатите на „Асошиејтед њузпејперс“ ќе побараат од судот да се изземат деловите од случајот со Меган.

Правната постапка беше објавена во октомври минатата година во лична изјава, во која војводата од Сасекс Хари обвини некои весници за „немилосрдна кампања“ против неговата сопруга.

Осврнувајќи се на неговата мајка Дијана, принцезата од Велс, која била многу присутна во таблоидите и загина во сообраќајна несреќа во Париз додека ја гонеле папараците, Хари рекол „иако оваа акција можеби не е сигурна, таа е вистинска.“

– Бидејќи мојот најголем страв е дека историјата да се повторува. Јас сум видел што се случува кога некој што го сакам е злоупотребуван до тој степен што веќе не се третира или не се доживува како на вистинска личност. Ја загубив мајка ми и сега гледам како жена ми е жртва на истите моќни сили – истакнал Хари.

Во изјавата, на официјалната веб-страница на војводата и војвотката, Хари пишува за својата сопруга „јас предолго бев тивок сведок на нејзиното приватно страдање. Да се воздржиме и да не сториме нешто спротивно на сè во што веруваме”.

Томас Маркл тврди дека чувствувал притисок да го сподели писмото откако неговата содржина била погрешно претставена во написот на списанието.

– Морам да се бранам. Објавив само делови од писмото затоа што другите делови беа многу болни. Писмото не ми се чинеше симпатично. Сметав дека е повредувачко – изјавил Маркл во интервјуто за „Мејл“ во неделата.