Мајкл Бубле и Луисана Лопилато

Канадскиот пејач Мајкл Бубле добивал смртни закани од лути обожаватели бидејќи наводно ја истуркал сопругата Луисана Лопилато, во едно видео пренесувано во живо на Инстаграм минатиот месец, пренесува „Индипендент“.

Ѕвездата на телевизиската серија „Млади бунтовници“, Лопилато, открила дека многу обожаватели го протолкувале видеото како „знак на злоупотреба“, но дека тоа, всушност, не е точно. Лопилато одговорила со изјава на Инстаграм во одбрана на својот сопруг.

– Сакам сите да знаете дека не се сомневам во тоа кој е мојот сопруг и ако би можела повторно да бирам, би го избрала уште илјада пати! Вие не би поверувале колку луѓе ми испратија фотографии со пиштоли, велејќи дека ќе го убијат Мајкл кога ќе дојде во Аргентина – рекла таа во интервју за аргентинската ТВ емисија „Интрусос“.

Таа додала дека имало ножеви на фотографиите и дека луѓето напишале „дека ќе му ги отсечат прстите, ќе го разнесат со бомба или ќе го претепаат“

Лопилато негирала каква било поврзаност на нејзиниот сопруг со насилно однесување.