Неформалната група „Сончогледи – за невидлива попреченост“, која неодамна се појави на социјалните мрежи, се обидува да ги издигне свесноста и видливоста за лицата со невидлива попреченост

Ирена Лозана, Јасна Милкиќ, Маргарета Талески и Ирена Николовска Ристановска се творците на неформалната група „Сончогледи – за невидлива попреченост“, која се обидува да ги издигне свесноста и видливоста за лицата со невидлива попреченост. „Лицето што носи лента со сончогледи е лице со невидлива попреченост. Ве молиме бидете трпеливи, љубезни и подготвени да му помогнете“ се мотото и апелот на групата. Целта на лентите со сончогледи е да им се даде можност на лицата со попреченост на суптилен начин да ги известат другите околу нив за одредена можна потреба од асистенција или внимание.
– Станува збор за здружување на четири жени за да се создаде движење со кое ќе се издигнат свесноста и видливоста на лицата со невидлива попреченост. По примерот на матичната иницијатива на Лондонскиот меѓународен аеродром и нивните успешни искуства, само пред неколку недели е направена фејсбук-група, која во моментов има речиси шест илјади члена. Многу од нив се семејства и лица со невидлива попреченост, но има и огромен број луѓе што се вклучени во поддршката на оваа акција – вели Лозана.
Невидливата попреченост може да биде резултат на многу голем број дијагнози и состојби. Тргнувајќи од аутизмот, како една од најсложените состојби на денешницата, па до ретките болести, сензорната поинаквост, па дури и состојбите како дијабетес и други хронични болести, кои може драстично да го отежнат нормалниот живот на лицето.

– Целта на лентите со сончогледи е да им се даде можност на лицата со попреченост на суптилен начин да ги известат другите околу нив за одредена можна потреба од асистенција или внимание. Лентите што ги правиме ќе им бидат донирани на лицата со невидливи попречености или на родителите, асистентите или, пак, на оние што се грижат за лица со невидлива попреченост – вели Ирена.
Како што вели таа, кога се зборува за невидлива попреченост, многу е потешко да се дојде до едно универзално решение како да му се помогне на лицето со попреченост.
– Бариери и пречки може да бидат многу различни работи кога станува збор за невидливи попречености, на пример на лицата со сензорна поинаквост може да им пречат гласен звук, силна светлина, многу луѓе во нивна близина, силни мириси. Исто така многумина од овие лица немаат капацитет да стојат мирно во едно место, не можат да имаат насочено внимание, немаат разбирање за социјалните однесувања, немаат можност да комуницираат вербално, користат поинакви начини на комуникација од вообичаените. Сите стереотипи што можеме да ги сретнеме во однесувањето на луѓето кон лицата со невидливи попречености потекнуваат од стравот и незнаењето како да им се постапи и како да им се помогне на овие лица. Формата и изразот на стереотипот може да бидат многу различни, како на пример недоволно внимание, немање капацитет да се пристапи и да се комуницира адекватно со лицето со попреченост, непотребен страв, па дури и агресивни реакции кон овие лица, кои често доведуваат до несакани последици – вели Ирена.

Идејата за лентите со сончогледи потекнува од 2016 година, кога надлежните од лондонскиот аеродром се запрашеле како би ги препознале лицата со невидлива попреченост. Тогаш приватна компанија го креирала брендот „Сончоглед“, кој помогнал дискретно да бидат обележени лицата на кои им се потребни помош и повнимателен однос. Го зеле симболот на цвет од сончоглед зашто симболизира радост, позитивност, сила, самодоверба.
– Во Македонија многу малку луѓе беа запознаени со овој концепт и со оваа алатка. Но во изминативе неколку недели се потрудивме многу повеќе наши сограѓани да дознаат и да се вклучат во акцијата. На почетокот ја испромовиравме алатката – лентата и картичката со сончогледи како симбол за распознавање, но веќе од изминативе неколку дена ја промовираме и целната акција, која со помош и поддршка на многу луѓе се претвори во програма што во иднина уште посилно ќе работи на издигањето на инклузивната свесност за лицата со невидлива попреченост – објаснува Лозана.
Сончогледите упатуваат силна порака – невидливите да бидат видливи и дека сите заслужуваат внимание, почит, поддршка.