Битолчанецот Диме Талевски, веќе три години во пензија, работел во рудникот „Суводол“ и едвај чекал да ги исполни условите за пензија. Уште додека работел направил план како ќе ги минува пензионерските денови – да ги посети сите поголеми острови на Јадранот. Во 1970 година како гимназијалец бил на матурска екскурзија низ Југославија и имал голема желба да го посети Голи Оток, па затоа Диме својата пензионерска авантура ја почнал токму со посета на овој остров. Во два наврата поради невремето и големите бранови не успеал да стигне на островот, но третиот пат желбата му се исполнила. Таму почувствувал невообичаена возбуда, која, како што вели, со зборови не се опишува.

– Досега на Јадранот сум ги посетил речиси сите поголеми острови. Нема остров каде што се оди со траект, а каде што не сум бил. Од сите ми остана само островот Дуги Оток, кој требаше да го посетам оваа година, но, за жал, поради пандемијата на коронавирусот се откажав. На Јадранот има острови од кои запира здивот. Но најголема радост и возбуда ми предизвика Голи Оток, иако таму буквално нема што да се види, сѐ е камен врз камен. Таму се потсетив на тоа што сум го читал, се прашував кој смислил токму тука да ги превоспитува непослушните политички затвореници – раскажува Диме.
Тој вели дека е штета што островот е оставен да пропаѓа, иако е одлична туристичка атракција со сите објекти каде што престојувале затворениците, киното, библиотеката, ќелиите…

Инаку, Талевски слободното време го поминува со својот автомобил, фотоапаратот и камерата и постојано е на пат во потрага по неоткриени простори и природни убавини. Снима репортажи и документарни филмови. По направените репортажи за „Москополе“ и манастирот „Св. Марина“ во Албанија, лани го направи документарниот филм „Литија“, по повод 50-годишнината од осветувањето на црквата „Константин и Елена“. Љубовта кон фотографијата му ја пренел неговиот прв учител Стевче Хаџиантоновски-Стеки, точно пред 30 години. Кога не е на пат, Диме ги гледа своите филмски записи и планира што следно да посети. Иако дел од неговите планови ги спречи пандемијата, тој е оптимист и верува дека наскоро и ова ќе помине. Прва дестинација му е Дуги Оток на Јадранот.