НАУЧНИЦИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ

Со проучување експериментални модели, научниците дошле до сознание дека на светот му се заканува соларна бура, која може целосно да ги уништи компјутерските мрежи, односно целиот интернет, а оваа „апокалиптична“ ситуација би можела да трае со недели.
Универзитетот во Калифорнија (УЦИ) во својата студија откри дека соларните бури би можеле да имаат моќ да го дестабилизираат магнетното поле на нашата планета и да предизвикаат последици за технологијата во вселената и на површината на Земјата. Геомагнетно индуцираните струи (ГИЦ) може да го нарушат функционирањето на подводните кабли, кои се јадрото на интернетот.
Според пишувањето на „Некстшарк“, големи количества магнетизирани честички се ослободуваат за време на соларните бури, а благодарение на своето магнетно поле, Земјата природно може да се одбрани од таквите настани, но посилна и подиректна соларна бура би претставувала голем ризик.
Во студијата на „Солар сторм“, „Планирање на интернет-апокалипса“, водечкиот истражувач, д-р Сангета Абду Јоти тврди дека подморските кабли се најзагрозени од соларни бури, додека оптичките кабли се позаштитени.
Студијата го проценува и влијанието на можен таков настан по регион. Научниците открија дека постои голема веројатност во случај на соларна бура да дојде до целосен прекин на компјутерските врски меѓу САД и Европа, додека делови од Азија би поминале најдобро затоа што нивните интернет-врски се базираат на серверите во Сингапур, кои би можеле да претрпат само помали штети.

Прашањето е што може да се направи. Д-р Абду Јоти истакнува дека соларните бури може да се предвидат 13 часа порано, но Земјините одбранбени капацитети се многу ограничени. Тој предлага интернет-операторите да креираат стратегија во случај на целосен пад на мрежата за да ги намалат последиците за време на ударот и потоа. Стратегијата вклучува заштита на компјутерската опрема и префрлување на алтернативни врски, за да се овозможи непречен проток на податоци. Сепак, сето тоа, како што предупредува тој, е многу недоволно и штетата е неизбежна.
Јоти предупредува дека на пребарувачите, финансиските институции и другите неопходни услуги ќе мора да им се овозможи да ги дистрибуираат најважните податоци низ светот за да се овозможи функционирање по „катаклизмата“. Тој предлага и воведување превентивни мерки за да се обезбеди функционирање на итните служби, како што се амбулантите, полицијата и пожарникарите.
Астрофизичарите проценуваат дека има 12 проценти шанси една таква соларна бура да нѐ погоди во следната деценија. Затоа треба навреме да се преземат мерки и да се зајакне инфраструктурата во согласност со најновите сознанија на научниците и да се создадат услови за непречено функционирање на мрежите за снабдување со електрична енергија и интернетот.