Сознанија по петчасовниот пад на социјалните мрежи

Неодамнешниот петчасовен пад на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Ватс ап, беше планетарна демонстрација на фактот дека веќе никој не може да негира оти услугите на оваа компанија станаа составен дел од животот на луѓето во целиот свет. Фејсбук и неговите апликации се длабоко навлезени во речиси сите аспекти на нашиот живот, но и на работењето, објави „Њујорк тајмс“.
Терминот социјални мрежи пред појавата на компјутерите и интернетот се однесуваше на група луѓе со кои често се дружите и соработувате – колеги, пријатели, потесно или пошироко семејство и луѓе со кои делите слични професионални интереси. Со подемот на онлајн комуникацијата, а пред сѐ на Фејсбук, Инстаграм и Твитер, луѓето почнаа да ги нарекуваат „пријатели“ оние што никогаш не ги сретнале во животот, но знаат речиси сѐ за нив. Овој феномен наречен „онлајн личности“ неодамна стручно е дефиниран и означува лице што „постои во виртуелниот простор и за кое формираме мислење исклучиво врз основа на податоците достапни во дигиталниот простор“.
Но колку социјалните мрежи се користат секојдневно? Повеќето луѓе во регионот користат Фејсбук и Инстаграм, додека кај младите и кај тинејџерската популација доста е популарен и Тик ток, а и Твитер бележи пораст на бројот на корисници, најмногу поради политичарите и јавните личности што го користат.
Интересно е дека во земјите на некогашна Југославија, од вкупниот број корисници на интернет, дури 74 отсто користат една или повеќе социјални мрежи, а кај мобилните корисници тој процент е 81,4 отсто.

Три вида корисници на мрежите

Голем број психолози и стручњаци сметаат дека постојат три вида корисници на социјалните мрежи.
Зависници – луѓе што поголемиот дел од слободното време го минуваат во онлајн просторот, повеќепати дневно ги проверуваат профилите на пријателите, константно во рацете имаат телефон или сметач, го проверуваат мобилниот и што има ново на мрежите, дури и ноќе. Комуникацијата со семејството и блиските лица им е речиси секогаш онлајн. Голем број стручњаци сметаат дека таквите личности, всушност, немаат свој приватен живот и не прават разлика меѓу светот на мрежите и оној надвор од нив.
Просечни корисници – повеќето од нас спаѓаат во оваа категорија и социјалните мрежи ги користат за да испратат порака, за да постават некое видео, слика или за да комуницираат со роднините во странство. Исто така, на мрежите се презентираат само одредени настани – летување, прослави, важни датуми во животот… Повеќето такви корисници често го презентираат и својот музички вкус, како и поддршката на својот омилен спортски клуб или на тимот на државната репрезентација.
Противници на мрежите – тие никогаш не користеле Фејсбук и Инстаграм и генерално „бегаат“ од новите технологии. Иако многумина во оваа група ги вбројуваат постарите лица, всушност изненадувачки е колку луѓе на средни години, па и тинејџери не користат социјални мрежи. Младите на овој начин сакаат да се разликуваат од другите врсници, а кај постарите се работи за неможноста за учење нови работи, дури во доста случаи е присутен и финансискиот момент, немањето средства да се купи компјутер или паметен телефон, како и недостапноста на интернет-конекција. Ова е особено изразено кај руралното и селското население во регионот. ЕУ проценува дека само 24 отсто од нив имаат пристап до интернет.

Влијание врз менталното здравје

Добротворната организација „Млади умови“ и Британското кралско друштво за јавно здравје, во 2017 г. објавиле истражување во кое Инстаграм се издвојува од другите социјални мрежи како најнегативна во однос на влијанието што го има врз менталното здравје на корисниците. Извршната директорка на организацијата, Ема Томас, вели дека опкружувањето со слики на „совршен“ живот и навидум совршени тела може да има големо влијание на тоа како се чувствуваат луѓето во врска со сопствениот живот и изглед.
Друга студија открила дека 40 отсто од корисниците на Инстаграм рекле дека се чувствуваат „непривлечно“, а тоа чувство го добиле кога почнале да ја користат апликацијата, додека околу четвртина тинејџери што изјавиле дека се чувствуваат „недоволно добро“ рекле дека тоа се случило кога почнале да користат Инстаграм.
Гласноговорникот на фондацијата „Фајв рајтс“, која води кампања за промена во дигиталните услуги, за да бидат посоодветни за децата и младите, соопштила дека резултатите од неодамнешно интерно истражување на Фејсбук се поразително обвинение поради начинот на кој компанијата генерално технолошки се однесува кон децата.
– Во потрага по профил, овие компании им го крадат времето на децата, како и самопочитта и менталното здравје, а понекогаш тоа е трагично за нивните животи – се наведува во соопштението.
Фејсбук одби да ги коментира протечените документи за нивните студии, но водителката на јавната политика на Инстаграм, Керин Њутн, на својот блог напиша дека „приказната е фокусирана на ограничен број наоди и оти компанијата вложила посебен напор да одговори на ова истражување и да го подобри Инстаграм“.

Дискутабилниот Инстаграм за деца

Интерните истражувања на Фејсбук за лошото влијание на Инстаграм врз тинејџерите, чии студии протекоа во јавноста, ја зголемија загриженоста на застапниците во американскиот Конгрес, особено во светлината на претходната најава за изградбата на верзија на Инстаграм за деца од 13 години, истакнува американскиот телевизиски канал „Си-ен-би-си.
Демократската застапничка, Лори Трахен, која и претходно изрази грижа за менталното здравје на децата во врска со социјалните медиуми, го повика Фејсбук „веднаш да се откаже од плановите околу активирањето Инстаграм за деца“ и наместо тоа, да се фокусира на заштита на постојните млади корисници.