Фото: Фејсбук/приватна архива

Неофолк составот „Авелина“, кој почна како соло-проект на Сара Александровска од Куманово, сега е прибежиште и бегство од секојдневието за Воислав Пехчевски и Деа Плевнеш (перкусии), Никола Наумовски (клавијатури), и Дамјан Поповски (тамбура). Со нивната заедничка љубов кон традиционалните народни мотиви од фолклорот на нашите предци тие создаваат музика која ги поврзува традицијата и современиот живот.

Бендот неодамна го промовираше нивниот прв албум „Од екот на предокот“, додека пред пандемијата, Александровска на Јутуб го објави синглот „Извор“, кој внесе свежина на македонската музичка сцена. За тоа како се задоволни од двата настапи и од прифаќањето на публиката во Македонскиот културен центар (МКЦ) во Скопје и на Спомен Костурницата во Куманово Александровска вели дека тоа било духовно искуство што верувам нема да го заборатат.

– Во Куманово имавме два настапи, од кои првиот беше еден вид борба, додека на вториот веќе присутните плачеа – раскажува таа.

Фото: Фејсбук/приватна архива

На денот на издавањето на првиот албум Александровска напишаа: „За да го љубиш цел свет, прво мора да ги љубиш своите. Народот твој мораш прво да го сакаш за да го сакаш и светот! Затоа почни си од дома, почни си од предците, скромно прво нив возљуби ги пред да го возљубиш светот“.

– Сакав да кажам дека какви и да сме, наши сме си и сакавме да порачаме да престане веќе клетиот јазик да се плука самиот себе си. Никој народ не го прави тоа така како што ние го правиме, таа црна, древна клетва некогаш мора да престане – вели Александровска.

Фото: Фејсбук/приватна архива

Таа верува дека песните ги прават нив.

– Човекот е како ресивер за радио сигнал, си прима информацијата, зависи кај ќе се закачи и после низ себе и низ умешноста ја приземјува истата, односно песната. Ние уште не сме мајстори за оваа работа, ама кроце по кроце. Нѐ водеа благородни чувства, а понекогаш нѐ водеа и инатот и гневот – вели нашата соговорничка.

„Авелина“ веќе работи на нов материјал.

– Веќе работиме на нов материјал. Овој пат копаме подлабоко низ историјата и повисоко во вечноста, го доближуваме најсочниот бакнеж на минатото и иднината… До крајот на следното лето би требало да биде објавено и новото музичко патување на „Авелина“ – најавува Александровска.

Фото: Фејсбук/приватна архива