Снимен е документарен филм „За овчеполските работи“, во продукција на „Аристон“, за кој наскоро се очекуваат промоција и изложба.
– Полека но сигурно Овчеполието станува регион за кој се објавуваат многу книги во последната деценија, а културното наследство и природните ресурси на Овчеполската Котлина веќе се овековечени и на видеозапис. Откако годинава се објавија четвртиот и петтиот дел од едицијата „Зборник за Овче Поле“, книгата „Овчеполски приказни“ и големиот „Зборник за Свети Николе“, решивме да снимиме и филм – вели Никола Ристевски од продукцијата „Аристон“.
Тој во изминатите години работеше со својот тим и на снимање на убавините на Овче Поле, за кои веќе најавуваат неколку документарни филмови.

– По повод празникот на Свети Николај Чудотворец, на 19 декември годинава ќе биде претставен филмот „Овчеполско оро“, снимен со ансамблот „Македонија“, во дворот на црквата „Свети Никола“ во Свети Николе. Овој филм е посветен на народните носии, песни и ора од Овче Поле. На јутјуб-каналот на продукцијата „Аристон“ веќе може да се видат најавите за „Овчеполско оро“ и за „Овчеполските цркви“, документарен филм инспириран од старите овчеполски цркви. Во тек се подготовки и за изложба на фотографии, на која треба да се најави и големиот документарен филм насловен „За овчеполските работи“ – вели Никола.
Овој прв документарец за Овче Поле, кој ги претставува и прикажува природните ресурси, културното наследство и економскиот потенцијал, е поддржан од Институтот за култура и уметност при меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе.