Продолжува соработката помеѓу ансамблот „Македонија“, продукцијата „Аристон“ и „Проспериум филмс“. Откако во 2020 година беше сниман краткиот документарен филм „Овчеполско оро“ во дворот на црквата „Свети Никола“ во Свети Николе, годинава се снимија неколку видеозаписи, со цел претставување на македонското културно наследство. Минатиот месец, на неколку локации во центарот на Скопје, се снимаше видеозапис за песната „Добродошле китени сватови“, која претставува заштитен знак на ансамблот „Македонија“ и прикажува една поинаква приказна за работата на членовите на еден од најголемите ансамбли во државата. Минатата недела на железничката станица „Овче Поле“ се одвиваше снимањето за краткиот документарен филм „Возот кој никогаш не дојде“, приказна за доселувањето на прогонетите Македонци од Егејска Македонија и нивното пристигнување во Овче Поле, дополнета со изведба на старата македонска песна „Врба ми никнала там Солунско Поле“. За денот на независноста на Македонија се планира промоција на филмот.
Во меѓувреме се прават подготовки за снимање на „Овчеполските народни носии“, „Македонските свадбени обичаи“ и „Македонско оро“ – кратки документарни филмови со ансамблот „Македонија“, во продукција на „Проспериум филмс“ и „Аристон“.