На 16, 17 и 18 јули

„Повикот на Малешевијата“ e прв фестивал на отворено, во организација на „Патфајндерс Берово“. Малешевијата и Малешевските Планини ве повикуваат на незаборавно доживување исполнето со авантури, кое ќе се случува на 16, 17 и 18 јули. Секој љубител на природата, на планинските спортови и на дружбата е добредојден на фестивалот каде што ќе може вистински да ја искуси планината и сите придобивки што ги нуди. Пред сѐ тоа се прекрасните малешевски густи шумски предели каде што ќе дишете чист воздух. Зближувајќи ги малешевската традиција со модерната култура, музика и спорт, овој фестивал нуди богата и колоритна програма. Меѓу другото, учесниците на фестивалот можат да кампуваат кај Детското одмаралиште, во непосредна близина на Беровско Езеро, место што изобилува со неодоливи пејзажи. Љубителите на алпинизмот може да планинарат низ прекрасните Малешевски Планини, исполнети со густа букова, борова и дабова шума, богати со ендемични видови и карактеристични многувековни дрвја. Тука има услови и за планински велосипедизам. За адреналинските зависници има велосипедски тури длабоко низ густите шуми по обележани патеки, со добар баланс на искачување и со спустови што ќе ве остават без здив.
Можете да бидете дел и од „Офруд“ – адреналинска тура со теренски возила, а исто така и дел од тимот „Фит камп“, предводен од професионалци во оваа дисциплина, со многу изненадувања и предизвици. Ќе има и работилници за сите возрасти со интересни и едукативни содржини, посета на знаменитостите на Берово и секако многу забава и музика, со рок-бенд и познати диџеи.
За сите уредно пријавени ќе има изненадувања од организаторите. Настанот и целата организација ќе се спроведат со почитување на сите протоколи и препораки од Владата за заштита од ковид-19.