Музичарите често се на удар на дневната политика, а поводи има многу: користењето субвенции за поттикнување на македонската музика, високите фестивалски награди, кои за наши услови достигнуваат баснословни суми, штрајкот на ЗАМП, пеењето на „леви“ и на „десни“ митинзи… Деновиве тоа беше (не)учеството на 15-те концерти низ земјава што ги организира Владата за одбележување на почетокот на преговорите за влез на нашата земја во НАТО

Веќе стана вообичаено претставниците на македонската естрада, каква и да е, да бидат на удар на дневната политика. Пред извесно време тоа беше поради користењето субвенции за поттикнување на македонската музика од сите жанрови, па високите фестивалски награди, кои за наши услови достигнуваат баснословни суми, штрајкот на ЗАМП, пеењето на „леви“ и на „десни“ митинзи… Деновиве тоа е поради (не)учеството на 15-те концерти низ земјава што ги организира Владата за одбележување на почетокот на преговорите за влез на нашата земја во НАТО и во ЕУ. На социјалните мрежи не стивнуваат реакциите.

– Ниту ги осудувам ниту ги оправдувам изведувачите. Секој си има своја причина за тоа и не би можел да коментирам. Јавноста и публиката може да им судат или да ги оправдуваат, а тоа е најмалку важно сега. Многу поважно е тоа дека додека ние се расправаме дали требало домашните артисти да настапат или не макар и еднаш годишно и на ваков тип „прослави“ (искрено, не знам што славиме?)… разни „Шабани“ од соседството си ги полнат контата по нашите фестивали со буџетски средства од граѓаните на Македонија, а за тоа не слушнав и не прочитав никаква реакција – вели Петар Младеновски, лидер на групата „Суперхикс“.

Петар Георгиевски-Камиказа, бизнисмен, глумец и лидер на групата „Меморија“, во својот статус на Фејсбук за, како што вели, „таканаречената прослава“ реагира на тоа што јавноста повторно се нафрлила на македонските музичари.
– Се нафрливте врз музичарите како од нив да зависи дали некој ве лаже за НАТО и ЕУ или не. Ги черечите како тие да се најголемите душмани. Парите што ќе ги добијат од нас, опљачканите македонски граѓани, не се ни стоти дел од промилот од она што ни го прават другиве (на пример со дневниците и патните трошоци на македонските трутови во парламентот, „Скопје 2014“, корупција и сл.). Затоа виновниците барајте ги на друго место. Познавам некои од учесниците музичари што немаат дома струја да платат, а се национално обележје. Ете, до тоа дереџе ги доведоа и едните и другите и сега, згора на сѐ, ги имаат и вашите пизми! Плукајќи врз музичарите, не знаејќи одработувате за други интереси поведени од разбирливата емотивна нетрпеливост што ја прават криминалците од двете страни. Во месинџер ми пишувате дека групата „Меморија“ е еден од чистите македонски музички херои. Точно е! Но точно е и дека и „Архангел“, Кирил Џајковски, Бени и „Нонстоп“, „С.А.Ф.“, „Фолтин“, „Нокаут“, „Чалгија саунд систем“ и сите други што беа дел од „циркусот наречен НАТО и ЕУ“ се исто така херои на македонската музичка сцена. Дебаклот на идејата (за НАТО и за ЕУ) никогаш нема да ја намали музичката вредност на колегите – напиша со многу емоции Петар Георгиевски-Камиказа на својот профил на Фејсбук.

И Бобан Милошески, првиот човек на продукцијата „Авалон“, преку социјалните мрежи апелира да не се чепка музиката.
– Ниските страсти користете ги за нешто друго. Вие патриотите и оние другите, добро размислете кога последен пат сте ја брцнале патриотската рака во џеб и сте потрошиле денар на македонски изведувач, од оние што настапувале на концертите. Ги сардисавте, а 90 отсто од вас немаат поим кои се. Тие живеат од музика, за нив не е животот тастатура – реагира Бобан Милошески.
Соња Алексовска-Неделковска, новинарка што долги години ги следи случувањата на македонската естрада, исто така, остро реагираше на прозивката на македонските пејачи.

– Пеењето како професија во случајот го поврзаа со патриотизам. Но никого не го засега тоа што кај нас сѐ уште најгледани се емисиите со турбофолк-музика и најпосетени и најголеми концерти се оние на пејачи од соседството. На радијата доминира сѐ освен македонска музика. Владата, овој пат, ги покани пејачите и тие отидоа да ги забавуваат луѓето што дошле да го слушаат или да слават, или двете во едно. Не навлегувам во тоа зошто немало голема посетеност, со тој сегмент нека се занимаваат тие што го организираа концертот.

Само сакам да потсетам дека и Северина пееше на кампањата на Туѓман, а хрватските медиуми ги интересираше само колку политичарот искеширал за ѕвездата. Се шпекулираше за сума до 200.000 евра. Никој не пишуваше за нејзините политички ставови. Гледам во списокот беше и Владо Јаневски. Беше присутен и на сите прослави и кампањи на опозицијата, но тој е пејач и тоа му е работа. Што треба сега, да ги осудуваме и другите што пееја? Едни веќе ги пречкртаа „Архангел“, Бојаџиев, Џајковски и другите и велат дека нема да ја слушаат нивната музика. Други отидоа на прослава, без разлика дали им беше до песна или не. Сите За мислите така слушајте ги само говорите на своите партиски лидери, а јас ќе слушам само музика – категорична е Соња Алексовска-Неделковска.