Стадо слонови тргнале на екскурзија долга неколку стотини километри во југозападна Кина, преминувајќи градови и автопати и уништувајќи ги посевите на својот пат, пренесе Кинеската национална телевизија.
Околу 15 слона, меѓу кои и три малечки слончиња, во април го напуштиле резерватот во Сишуангбана, подрачје на границите со Лаос и Мјанмар, и тргнале кон север. Досега поминале 500 километри.
Слоновите деновиве се во близината на градот Кунминг, главен центар на провинцијата Јунан, каде што живеат неколку милиони луѓе. Телевизијата објави снимки на кои се гледаат слоновите како ноќе се движат кон градовите и застануваат на полиња засадени со пченка за да јадат.

Властите и граѓаните опремени со беспилотни летала го следат нивното движење и водат сметка слоновите да не им се приближат премногу на луѓето.
Минатата недела слоновите испразниле еден резервоар со вода, а од почетокот на патувањето уништиле околу 56 хектари посеви, вредни околу 6,8 милиони јуани (870.000 евра), пренесе агенцијата „Бета“.
Властите се обидуваат да ги намамат слоновите со храна и со блокирање на автопатите со помош на камиони. Зоолозите не разбираат што ги навело слоновите да го напуштат резерватот и да тргнат на ова далечно патување.
Дивите слонови се заштитени животни во Кина и исклучиво живеат во туристичкиот, тропски дел на Шинуангбана. Се проценува дека во кина има околу 300 диви слонови.