Конечно е решена мистериозната смрт на 330 слона во Боцвана, која се случи на почетокот на оваа година, при што е утврдено дека причината е токсична цијанобактерија. Третина од популацијата на африканските слонови живеат во Боцвана, а од мај до јуни беа евидентирани голем број смртни случаи на слонови. Официјални лица тврдат дека причината за смртта на 330-те животни биле цијанобактерии, пренесе „Би-би-си“.
Оваа токсична бактерија понекогаш се наоѓа природно во водата, но некогаш се размножува во големи количества и е позната како сино-зелена алга. До ваквиот заклучок дошле по неколкумесечно тестирање во специјални лаборатории во Јужна Африка, Канада, Зимбабве и во САД.
Многу од мртвите слонови во Боцвана беа пронајдени во близината на местата за полевање.
Стотици слонови умреа уште од мај во делтата Окаванго во Боцвана. Земјата ја има најголемата популација на слонови во светот, се проценува дека таму живеат околу 130 илјади слона. Директорот на конзерваторската група за заштита на Националниот парк, Марк Хајли, ја опиша ситуацијата како една од најголемите еколошки катастрофи во овој век, и тоа точно среде една од најпопуларните дестинации за туризам во Африка.